Се возобновува „Тумба фест “

На 23 септември годинава ќе се возобнови фестивалот на македонска народна шегобијна песна „Тумба фест 2019“, најави на денешната прес -конференција претседателот на здружението Етно ризница, воедно и организатор, Драган Митевски. На фестивалот кој не се одржува веќе 19 години ќе бидат изведени 12 нови, но и толкав број ретро песни кои благодарејќи на „Тумба фест“  од 1995 –та до 2000-та година станаа хитови и се уште се слушаат, но и пеат на свадби и други семејни веселби во кумановско, скопско и околината. Еј Розике, бре комшике, Мераклија, Ја у село не се враќам се само дел од нив, потенцира Митевски.

-Со задоволство Ви ги најавувам пејачите кои што ќе земат учество на фестивалот: Беки Бекиќ, Ленче Кукиќ, Нино Величковски, Марјан Коцев, ќе имаме гости од Бугарија, Васил Валканов кој заедно со Рени ќе имаат дует, автор на песната е Цане Петров , но ќе има и други, се надеваме хитови кои понатаму ќе се слушаат. Екипата која го подготви фестивалот: уметничкиот директор на фестивалот е професор Игор Трајковски, маестро Цане Петров, Горан Михајловски, Боби Петковски, Снежана Николовска и други. Екипата е навистина многу успешна. Како дел од авторите е и Сашо Митковски. Имаме добра екипа кумановци кои ќе бидат присутни на фестивалот, Нино Величковски кој ќе јa испее песната Трубе свирив на сред тумбу, за првпат на еден ваков фестивал ќе се појават нашите популарни во нашите краишта Челик бенд со Кумановке, фраерке, Мартинијан Кириловски со Уникат, Игор Васиљков со Кумановац не се бива, текст на Боби Петковски, музика и аранжман на Цане Петров, Влатко Алековски од Крива Паланка,  Душко Георгиевски, Круме Спасовски, Анета Наковска итн. ,  рече Драган Митевски, Етно ризница

Најголем дел од песните ќе бидат испеани на кумановски дијалект, со исклучок на една или две песни кои што ќе бидат на литературен македонски јазик, а текстовите освен што се шегобијни , ќе бидат и со актуелни теми, велат од Советот на фестивалот.

-Кумановскиот дијалект на кој се пеат песните е многу полесен за правење текстови отколку литературниот македонски јазик, така што се надевам дека многу поприфатливи ќе бидат тие шегобијни песни од причина што е лесен јазикот на изразување и ќе се надоврзам дека претходниот  „Тумба фест“ имаше преголем број на хитови, од истата причина што ја кажав, рече Цане Петров , од Совет на фестивалот.

-Морам да напоменав дека правиме еден нов концепт, интеракциски. Фестивалот нема да има класична најава, ќе биде нешто поинакво, но ќе оставиме да видите таму на 23 септември, рече Игор Трајковски, уметнички директор на „Тумба фест 2019“

Билетите веќе се во продажба, а можат да се купат по цена од 200 денари во Зулу травел , локалитет Сума.

-Фестивалот се финансира многу тешко.  Екипата што ја споменав од уметничкиот дел од фестивалот сето тоа го работи од срце за Куманово во интерес да се возобнови фестивалот без никаква надокнада, комплетно волонтерски. Локалната самоуправа, скромно, но сепак помогна. Се надеваме дека од наредната година ќе бидеме препознаени и од министерството за култура  и од локалната самоуправа, бидејќи сакаме даго возобновиме фестивалот.  Фестивалот директно ќе го пренесува Тв Плус Куманово, која ќе обезбеди стриминг, линк на јутјуб и фејсбук, како и на уште неколку локални станици низ Републиката, а две недели после фестивалот ќе биде прикажан на поголем број на телевизиски куќи.  Сигурен сум дека добар дел од песните ќе бидат хитови, рече Митевски.

Граѓаните ќе имаат можност на 23 септември со почеток во 20 часот во големата сала на центарот за култура да проследат дваесетина народни шегобијни песни од македонски и странски изведувачи.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)