Се зголемува бројот на заболени од грип

Вкупно 254 новозаболени лица од грип или состојби слични на грипот се пријавени во текот на шестата недела што во однос на минатата седмица кога биле регистрирани 178 лица е зголемување за 43 проценти, но пак споредбено со истата недела во минатата сезона, бројката сега речиси е двојно поголема, информираа денеска надлежните од Центарот за јавно здравје во Куманово. Најголем процент од пријавените во шестатата недела се деца од училишна возраст.

-Во текот на оваа недела се забележува дека има висока активност на вирусот. Оваа недела најголем број на случаи се пријавени од 5 до 14 години, оние што припаѓаат на училишна возраст – 106 лица, очекувано со започнување на второто полугодие,  потоа  следи возрасната група 15-64  , 105 случаи. Во споредба со вкупниот број на сезоната од почетокот  се регистрирани 675 заболени,  и во споредба со минатата сезона (424) има пораст за  60 проценти,изјави д-р Јадранка Стаменковска, Центар за јавно здравје Куманово  

Периодов расте и бројот на пациентите со капковни инфекции, а има и хоспитализирани лица од грип на Инфективното одделение.

-На инфективно одделение расте бројот во текот на оваа недела . Бројот на оние лица што се со капковни инфекции особено на горнореспираторните и долнореспираторни патишта , меѓу нив 98 лица биле регистрирани како грип и 8 хоспитализирани случаи. Центарот за јавно здравје секоја година за да знае кој вирус  циркулира на подрачје на нашиот регион испраќа и материјали, односно земени брисеви од нос и грло од пациенти и од испратените вкупно 18 брисеви, имаме 36 проценти што се позитивни на А типот вирус и на Б тип вирусот, на инфлуенца што значи оние вируси кои што ги имаше и во вакцината против сезонски грип. Интересно е и тоа дека на ниво на подрачјето на регионот имаме висока активност на вирусот врз основа на распространетоста,  на ширењето на вирусот, како и на високиот процент на резултати од испитуваните материјали, изјави епидемиологот Стаменковска.  

Епидемиолозите потенцираат дека најефикасна заштитна мерка против грипот е вакцинацијата против сезонски грип, а годинава повеќе од 2.000 лица примиле вакцина. Центарот за јавно здравје во Куманово се уште  располага со вакцини, кои од комерцијални се пренаменети во бесплатни вакцини. Надлежните ги повикуваат најризичните категории на граѓани да дојдат во центарот и да се вакцинираат бидејќи пикот на вирусот го очекуваат во наредните недели.

Секако дека  граѓаните треба да се придржуваат и кон општите мерки за заштита од капковите инфекции, како што се одржување на хигиена, пред се  миење на рацете, да се запази растојанието од метар ипол при кашлање, кивање, да се избегнува поголема маса луѓе во затворени простории, да се користат топли напитоци, да се внесува витаминска храна.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)