Се намалува бројот на поплаки до правобранителот

Намален е бројот на граѓаните кои што минатата година споредбено со 2017-та имале поплаки до канцеларијата на заменик народниот правобранител во Куманово дека им е повредено правото. Според Насер Весељи, лани постапувале по 186 претставки од кои 87 проценти биле завршени до 31 –ви декември, а останатите се во фаза на реализација. Во 2018-тата година, бројот на претставките е намален за 40, споредбено со претходната.

 Заменик народниот правобранител посочува дека бројот на претставките не соодветствува на бројот на граѓаните кои што доаѓаат во канцелариите во целиот Североисточниот регион од причина што во многу случаи народниот правобранител нема надлежност да постапува. Околу 1000 граѓани минатата година имале поплаки кај правобранителот, но тој постапувал само во 186 случаи за кои што имало докази дека е прекршено некое човеково право од страна на државен орган или субјекти кои што извршуваат јавна власт.

Од вкупниот број предмети, поголемиот број се однесуваат на поплаки од граѓаните во областа на правосудството, како и претходните неколку години. 43 претставки се поднесени од народнииот правобранител во областа на правосудството,  од кои поголемиот дел се однесуваат на постапките на извршителите, односно случаи кога извршителите не го почитувале Законот за извршување и блокирале и одземале финансиски средства од социјалните пакети . На второ место со 30 претставки се казнено поправните установи, во случајов Затвор Куманово, што според Весељи е загрижувачки бидејќи бројот на предметите споредбено со минатата година е зголемен. Правобранителот потенцира дека во казнено поправните установи во целата држава најмногу не се почитуваат правата на притворените и осудените во областа на здравството , а има поплаки и за незаконско однесување на обезбедувањето во затворите, но како што вели Весељи,  тоа тешко се докажува.

19 претставки има за прекршување на потрошувачките права, во 10 случаи се постапувало во областа на социјалната сигурност и заштита, 9 предмети во областа на царина и финансии, 11 претставки за непочитување на работните односи, особено во образованието и градинките, пет завршени предмети во областа на детски права, еден предмет во образование и 14 предмети од областа на други права, каде што најмногу поплаки имало за одолговлекување на исплаќање субвенции.

За разлика од претходните години, во 2018-та канцеларијата на народниот правобранител, иако има право, не покренала ниту една постапка по сопствена иницијатива.

Весељи апелира до граѓаните кои што сметаат дека им е прекршено некое право, тоа да го пријават навремено во канцеларијата, бидејќи согласно Законот, ако изминала една година од последното дејствие, народниот правобранител нема право да постапува.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)