Се обележуваат пешачките премини

Граѓаните после подолг временски период улиците во централното градско подрачје ќе ги поминуваат на обележани пешачки премини.Обележувањето на хоризонталната сигнализација на јавно прометните површини на подрачјето на градот за прв пат го работи јавното претпријатие Водовод. Изминатите години тоа го спроведуваа приватни компании. По комплетното завршување на техничката документација, добивање на дозвола од Бирото за јавни набавки, обезбедување средства и ресурси за започнување на активностите, од вчера се започна  со одбележување на булеварот „Октомвриска револуција“ и  улицата „Ленинова“. Се работи според планот што Водовод го добил  од одговорните во  општина Куманово, велат надлежните.

Граѓаните со апел до локалната самоуправа поредовно да се обележуваат пешачките премини .

Приоритетни  при обележувањето ќе бидат улиците кои што поминуваат покрај градинки, училишта, здравствени установи, државни институции. Со обележувањето на хоризонталната сигнализација  ќе се настојува целосно да биде покриено централното градско подрачје и приградските населби на општина Куманово. Согласно планот,обележувањето ќе се спроведува два пати годишно.

За оваа намена општина Куманово одвои 2,5 милиони денари.

– Отпочна обележување на хоризонтална сигнализација, паралелно со тоа ЈП Куманово паркинг прави освежување на избледените паркинг површини, тоа е нивна обврска, хоризонталаната сигнализација е наша обврска, паралелно со тоа оди и крпење на ударните дупки во централното градско подрачје и приодните булевари и улици во количина од 250 тони во наредните десетина дена ќе биде завршено, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Обележувањето на паркинг местата се врши во раните утрински часови кога фреквенцијата на возилата е намалена, информираат надлежните. Утре во 3 часот по полноќ ќе се работи на улиците Народна револуција, Илинденска, Кирил и Методиј и Трст. Во недела во истото време ќе се обележува паркинг површината на улицата 11 Октомври, паркингот кај Здравствен дом и пред поранешен Кристал. Во вторник наредната недела исто така во 3 часот наутро, ќе се работи на Моша Пијаде, на паркингот кај центарот за култура и зад Сума.

Куманово -паркинг апелира до сопствениците на возилата, во посочените денови и време , сопствениците да ги отстранат своите возила заради непречено извршување на работите.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)