Се одбележува Денот на пенолозите

„Затвор Куманово е еден од најновите затвори во државата согласно европските затворски правила“ , рече директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ кој што по повод одбележувањето на Денот на пенолозите, 27 септември, денеска ја посети казнено- поправната установа во селото Кшање. По обиколката на установата, пуштена во употреба во 2013-та година, Стојановиќ констатираше дека последниве две години видливи се промените во однос на условите во кои што престојуваат притворените и осудените лица во оваа установа, но и во затворите низ државата.

-Да го честитам Денот на пенолозите, на сите работници во казнено- поправните и воспитно -поправните установи во РСМ. Само да кажам дека сум задоволен од тоа што го гледам на терен имајќи во предвид во каква состојба го затекнавме во 2017-та година. Најбитно да напоменам дека патот тогаш беше во многу лоша состојба , исто така и водоснабдувањето беше  многу проблематично. Денес, на чело со директорот на КПУ Затвор Куманово, Марјан Спасовски  тоа е надминато.  Денеска вие ќе имате можност да направите увид во кои услови се сместени осудените и притворените лица, дека ова е еден од најновите затвори во РСМ, така и се одржува и ќе имате можност да ги видите тие услови кои се согласно европските затворски правила се со цел да се промени сликата во јавноста дека во РСМ се лоши условите односно јас милувам да кажам дека биле лоши затоа што во овие две години направени се огромни напори и вложено е на терен и промените се видливи, изјави Јовица Стојановиќ, директор на Управа за извршување санкции

Со оглед на тоа што директорот Стојановиќ врши надзор во сите затворски установи во државава и има комплетен увид на случувањата во секој затвор, признава дека се соочуваат со одредени  проблеми, но, како што вели , поголемиот дел успешно ги надминуваат.

-Само да напоменам дека во казнено- поправниот дом Идризово имаме 354 легла, ќелии, 134 се со лед телевизори, со 150 канали, со редовна топла вода, по четворица сместени во просторија, со лед осветлување за читање, со занимални, теретани. Исто така да напоменам дека сите оние лоши , стари делови во КПД Идризово кои што се користеле, кои што ги затекнавме 2017-та година, сето тоа е исфрлено од функција, дополнително,  најлошиот објект школарци е комплетно срушен, посеана е трева на тоа место, во нареднава недела ќе биде срушено и одделението старачко, едноставно тие одделенија веќе не постојат физички се со цел да се подобрат условите, а тоа го работиме и во другите затвори, изјави Стојановиќ.

Директорот на Управата за извршување санкции дополнува дека во Идризово се гради и судница, значителни подобрувања на условите има и во Штипскиот затвор, а целосна реконструкција по европски затворски правила се прави и на казнено -поправната установа во Битола.

Инаку, Затвор Куманово  е на површина од над 5.000 квадратни метри, располага со 13 притворски ќелии, 34 затворски, без самици, современ видеонадзор.

Капацитетот на установата е 250, од кои 200 за осуденици за полесни кривични дела за примарни сторители на кривични дела до три години или рецидиви до една година и 50 лица во притворско одделение. Ова е единствена казнено-поправна установа со притворско одделение во североисточниот регион.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)