Се одбележува празникот Свети Никола

Православните верници денеска го одбележуваат Свети Никола, слава која ја празнуваат најмногу семејства во кумановскиот регион. Токму поради тоа утринава голем број верници ги посетија црквите во градот, сечеа славски колачи, запалија свеќи за здравје и се помолија за најблиските. Свети Никола или Свети Николај Чудотворец, се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак во народното предание најмногу е запаметен како господар на водите, морињата, но и по тоа што им  помагал на сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

-И вчера и денеска голем број кумановци ги посетуваат црквите во најголем број и во соборниот храм посветен на големиот светител Николај, Свети Никола. Многу почитуван меѓу народот, многу познат, славен и од христијан и нехристијани, голем светител на црквата божја роден во 3-от век во Мира областа Ликија, Мала Азија, голем молитвеник, застапник на народот пред Бога, живеел во 3-ти век се борел за вистината и правдата, им помагал на луѓето, познати се неговите чуда, добри дела, меѓутоа познат е по тоа што тој тајно сакал да ги извршува добрите дела а станал познат затоа што бог ги објавил неговите добри дела, го прославил и за време на неговиот живот-истакна отец Антони Петрушевски, кој дополни дека дури и легендата за Дедо Мраз потекнува од делата на овој светител.

Меѓу народот постои верување дека на овој ден не се извршуваат домашни работи, ниту пак се потсетува на долг што го има некој. Многумина практикуваат да носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го празнуваат празникот по некои обичаи на одредени места во земјава своите гости не ги пуштат со празни раце, туку им даваат дарови пред да си заминат дома. Свeти Никола многумина кумановци го празнуваат и како именден.

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)