Се одложува хуманитарната акција на здружението на пензионери

Поради неповолната епидемиолошка состојба во државата, на пензионерите чија што пензија не надминува 11.000 денари нема да им биде доделена најавената еднократна парична помош, ваучер од 1.000 денари, кој би можеле да го искористат во некој трговски објект, рече на денешната прес-конференција, претседателот на здружението на пензионери „Куманово“ , Благе Јакимовски.  Тој посочи дека станува збор за 500 ваучери што здружението планирало да ги додели на пензионерите во првата половина на декември.

-Ние донесовме одлука на Извршен одбор и се подготвувавме во почетокот на декември да ја завршиме таа работа. Меѓутоа, во меѓувреме добивме насоки од Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија каде што тие не обврзуваат да водиме строго сметка за нашите пензионерки и пензионери во условите во кои што се наоѓаме во правец на нивна заштита и во Законот за заштита на населението од заразни болести е конкретно кажано дека се забранува секакво јавно собирање на сите јавни површини во текот на денот и на ноќта, изјави Благе Јакимовски, претседател на Здружение на пензионери „Куманово“

Јакимовски потсети дека во мај годинава ваучери со иста вредност добија 300 пензионери, а вкупно досега доделени се 600 ваучери.

-Тогаш имавме малку поголем проблем околу собирањето на луѓето. Не сакаме сега пак да направиме таков проблем бидејќи ако направиме проблем можно е да следат и одредени пријави за оние што се организатори. На нас не ни паѓа на ум нешто такво да направиме односно да  пензионерите во Куманово не ги почитуваат одлуките на Комисијата за заразни болести, на министерството за здравство и на Владата и не сакаме да бидеме ние тие кои што ќе бидеме жариште на пандемијата односно вирусот ковид 19. Ние во текот на 2019- та година пред нова година доделивме 300 ваучери на 300 пензионери. На нас ориентацијата освен она што значи спортски активности, културни активности, бањско лекување и еднократна помош при одредени болести што ги имаат пензионерите, главна преокупација во наредниот период ќе ни биде хуманитарноста,  односно помош на пензионерите кои што се најниски пензии. Не треба да се дозволи и нема да дозволиме наш пензионер да има одредени проблеми во животот. Ние постоиме за да пензионерите имаат што подостоиствен живот,  третото доба од животот да им биде посреќно и поубаво да си го живеат, изјави Јакимовски.

Оние кои еднаш ќе ја искористат оваа мерка ќе немаат право да аплицираат наредната година.

Претседателот на здружението Јакимовски апелира пензионерите да излегуваат од дома само доколку тоа е неопходно, да носат маски, да држат одредено растојание за да се заштитат самите себе, да ги зашитат своите најблиски, но и целото општество од вирусот ковид 19.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)