Се поставуваат монтажни објекти за бегалците во Табановце

Започна поставувањето на шесте монтажни објекти на железничката станица Табановце наменети за бегалците. Секој од нив зафаќа по 18 метри квадратни површина, а се донација од УНХЦР. Според секретарот на општинската организација на Црвениот крст Иле Митковски, објектите всушност ќе претствуваат транзитен центар за мигрантите кој ќе го користат за одмор додека чекаат на станицата да заминат од државава. Во никој случај објектите нема да се користат за ноќевање  бидејќи намената не е таква.

– Железничката  станица Табановце не била правена за толкав број на луѓе и нема можност кога ќе дојде еден воз полн со мигранти да ги прибере тие луѓе во соработка со УНХЦР и  Црвениот крст се работи на облагородување на просторот за да можат тие луѓе кога ќе се симнат од воз  да се напијат вода,  да искористат тоалет , доколку е дожд или сонце да имаат каде да се склонат и тие си заминуваат. Се работи за комплетирање на 10 тоалети, по пет машки и женски со два умивалници, две чешми ќе бидат поставени со 4 чепа, светло е поставено за вечерните часови, изјави Иле Митковски, секретар на општинска организација на Црвен крст на РМ – Куманово

 Во монтажата на транзитниот центар освен  стручни лица, специјализирани  за оваа дејност од Женева, вклучени се и волонтери на Црвениот крст на Република Македонија.  20 волонтери на Црвениот крст од Единицата за одговор при катастрофи на терен се обучуваа како правилно да ги поставуваат монтажните објекти.

-Денеска сме на обука за правење на куќарки за бегалци, монтажни Икеа . Со нас се луѓе што не обучуваат од Женева се дојдени, изјави Игор Јордановски, волонтер во Црвен крст на Град Скопје

Сите активности и интервенции на Црвениот крст во поглед на медицинска помош, бензин за возилата, плати на вработените и хонорари за волонтерите ги покрива УНХЦР. Инаку,  вакви објекти за бегалците в петок ќе бидат поставени и во Гевгелија. Во меѓувреме, мобилни екипи на Црвениот крст секојдневно продолжуваат да им помагаат на мигрантите со вода, храна,   хигиенски средства за бебињата, како и медицинска помош.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)