Се празнува Свети апостол Лука

Православните верници денеска го слават Свети Лука, заштитникот на медицината, лекарите, но и основачот на христијанскиот иконопис. Познато е дека лекувал бесплатно, а се верува дека неговите мошти имаат исцелителна моќ. Свети Лука е еден од првите проповедници на христијанството, современик на Исус Христос.

-Апостол Лука е лекар по занимање и затоа и апостол Павле често го спомнува како голем помошник. Според преданието се смета дека апостол Лука е првиот иконописец кој што ја слика иконата на Мајката Божја за да таа не остане во заборав и ова е многу важен податок , посебно за оние кои што не ги признаваат иконите во нашата вера, изјави Игор Здравковски, портпарол на Кумановско- осоговска епархија

Освен што е еден од најпочитуваните заштитници на медицината и фармацијата, за свој заштитник Свети Лука го сметаат и молерите од Куманово кои што секоја година на денешен ден сечат колач во црквата Свети Никола и избираат кум.

-Во занаетот сум од 1957-та година, а кога се вратив од војска во 1966-та отворив фирма. Нашиот занает не е лесен, но не е ни толку тежок. Порано беше подобро, но потешко беше бидејќи се работеше со четка и креч,  правевме мустри и работевме од мерак, изјави Борис Баневски, фирма Баневи

-Јас сум еден од последните чираци на Доско молер, но и еден од последните школувани молери во Скопје, одев по четири ипол месеци периодично на училиште. Работев извесно време една третина во трговија, една третина технолошки вишок, сега сум пензионер. Мојот занает никогаш не сум го напуштил, штом ќе откажат колената тогаш и јас ќе се предадам, изјави Слободан Трајковски

-Во занаетот сум од 1967-та година кај мајсторот Борис Баневски како чирак. Во принцип сум задоволен, порано беше малку потешко. Денеска, за жал нема чираци. Во Куманово професионални молери има 12-13, а млади молери има многу , но слабо се дружат со нас, изјави Добре Костадиновски

-Од 1984-та се до ден денеска го работам овој занает со мерак. Главен мајстор ми беше Славе Петковски. Уште работам, имам сопствена фирма, нема работна сила, порано се работеше со многу полош материјал, а квалитетно работеа молерите, изјави Неџат Демировски,

-Од 1964-та сум во занаетот, сега сум пензионер. Оваа година бев кум, кумот се избира според возраста, изјави Славе Петковски, поранешен молер

Со молерско – фарбарски услуги тие се занимаваат повеќе од педесет години. Велат од молерството може пристојно да се живее.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)