Се превземаат мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот

Учениците кои следат настава во училишните згради во централното градско подрачје не се безбедни на патот, тврдат родителите. Тие велат дека не се осмелуваат да ги пуштат децата сами да одат на училиште поради тоа што се загрижени за нивната безбедност, а причините за тоа се оштетената патна сигнализација и несовесните возачи. Затоа се обврзани да ги водат и пречекуваат децата.

-Кај сте виделе вие да има полицаец кој го контролира сообраќајот? Никаде. Па како да ги пуштам децата сами да одат овдека, морам да ги водам секојдневно, вели револтиран граѓанин.

-Не внимаваат додека возат, особено помладите, кога ќе видат кола изгубат памет, не внимаваат на децата, вели анкетиран граѓанин.

Кумановци тврдат дека нивните деца, а и самите тие, ќе се чувствуваат побезбедни во сообраќајот доколку се постави адекватна патна сигнализација и соодветно да бидат казнети оние коишто ја оштетуваат.

-Јас сум кумановец, а со години немам видено да се одбележи некој пешачки премин, па тоа е срамота, изјави еден граѓанин.

-Мора да се постават нови знаци, да се зголемат контролите, само така ќе се зголеми безбедноста, додава друг граѓанин.

Виолета Богдановска од Отсекот за превенција при СВР Куманово, нагласи дека во пресрет на почетокот на учебната година, полицијата ќе превземе мерки за зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Во таа насока, направен е увид на патната сигнализација околу училиштата и е доставено известување до локалната самоуправа за обновување на дотраените сообраќајни знаци и поставување на нови онаму кадешто е потребно.

– Превземаме мерки како да се почне едукативниот дел со учениците, од најмладите во градинки до петто одделение и секако за учениците во средните училишта. Со тоа ќе упатиме апел до сите учесници во сообраќајот дека почнува учебната година, да се има во предвид дека децата ќе бидат присутни и да се внимава, вели таа.

Едукативниот дел ќе се спроведе преку прикажување на филмови со практични совети за безбедно учество во сообраќајот со слоган „Сообраќајот не е игра“, а повозрасните ученици ќе учествуваат на практични вежби и квизови, на кои ќе можат да го покажат стекнатото теоретско познавање на сообраќајните правила и прописи.

– За безбедноста на децата во сообраќајот клучни се сите и наставниот персонал со укажување особено родителите со правилно учење од дома, дека секогаш треба да се внимава, дури и кога си во право секогаш да го гледаш сопствениот живот и безбедност и секако тоа е во надлежност на институциите, се надевам дека сите содветно ќе превземеме мерки за да децата бидат повеќе заштитени, изјави Бограновска.

Во летниот период, СВР Куманово организираше неколку сообраќајни поуки за сите учесници во сообраќајот. Целта на овие поуки е да се намали бројот на казнени учесници во сообраќајот и да се подигне нивната свест за почитување на правилата и прописите, вели Богдановска. Таа нагласи дека со ваквите мерки успејале да ја издигнат свеста на возачите на повисоко ниво.

– Со тоа се зголемени мерките за безбедност, но се уште постои сообраќајна, да кажам, некултура кај другите учесници во сообраќајот, еве да кажам првенствено пред и околу училиштата бидејќи има луѓе кои не им даваат предимство на децата на пешачки премин, луѓе кои возат со поголема брзина од дозволената или се движат спортивно на сообраќаен знак, онаму каде со намера е ставена улицата да биде еднонасочна за да децата можат непречено да се движат, нагласи таа.

Инаку недавање на предимство на пешак на пешачки премин се казнува со 300 евра, постапување спротивно на сообраќаен знак со 35, за возење под дејство на алкохол, казната изнесува од 250 до 400 евра во денарска противвредност. Оној којшто ќе биде фатен на дело при оштетување на јавна инсталација или кражба на патна сигнализцаија, ќе одговара за кривично дело.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)