Се реконструираат улиците во кумановските села

Се реконструираат улиците во Романовце, Умин дол и Агино село. Санацијата е во рамки на програмата за реконструкција и адаптација на постојните сообраќајни површини, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

-Тоа е тековна работа на општината која ќе следи во текот на овој месец и следниот колку ќе дозволат временските услови, да се реконструираат што поголем број на вакви улици. Со тоа што интенцијата е да се решат и поголем број на селските средини бидејќи во континуитет беа запоставени а и доколку сакаме да ја исполниме стратегијата за почист, помодерен и поурбан град првенствено треба да ги исчистиме руралните средини за да се подобри и чистатота во урбаните средини во градот-нагласи Димитриевски.

Во тек е реконструкција на улицата во село Романовце каде ќе бидат поставени 1.242 метри квадратни асфалт, во Агино село, поставени се 6.440, а во Умин Дол, 4.400 метри метри квадратни асфалт.

Паралелно општината продолжува и со поставување на средствата за смирување на сообраќајот „лежечки полицајци“ на повеќе локации во централното градско подрачје, на улиците околу основните и средните училишта, со цел учениците и пешаците да имаат поголема безбедност во сообраќајот. Поставувањето на асфалтните смирувачи на сообраќајот и подигнати пешачки премини, се спроведува преку иницијативата на Заедницата на единиците на локалните самоуправи преку користење на основни сообраќајни проекти со позитивна ревизија за поставување на подигнатите пешачки премини.

Општината, нагласија оттаму ќе постави вакви средства на локациите кои ќе бидат предложени од граѓаните, но предност ќе имаат улиците каде се лоцирани училишта и градинки. Општина Куманово досега во текот на летото, искористила осум проекти со ревизија, а предвидени се  вкупно дванаесет локации. Вкупно, ќе бидат поставени  21 средство.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)