Се спроведе и вториот испит од државната матура

Вториот испит од државната матура, странски јазик  денес се полагаше во сите средни училишта во Куманово. Освен англиски матурантите полагаа руски, француски и германски јазик. Тестирањето започна во 10 часот. Во процесот на реализација на државната матура беа ангажирани  наставници во улога на тестатори и набљудувачи претставници од институции надлежни за образованието во земјава. Испитниот материјал беше доставен во училиштата изутрина пред почетокот на тестирањето  и се враќа во Државниот испитен центар по завршување на испитот.

-Вкупно кај нас полагаат 17 ученици и тоа 12 англиски , 3 германски и по еден ученик полагаат француски и руски јазик. И минатиот пат како и денеска се помина во најдобар ред започнавме на време имаме доволен број на тестатори и присутни се од Министерството за образование и наука како и од Државен просветен инспекторат. Откако се воведе државна матура кај нас секогаш имаме помал број на ученици кои пријавуваат државна матура од причина што овде учениците по завршување на средното училиште во главно бараат работа.Оние ученици кои сакаат да го продолжат образованието се пријавуваат за државна матура, а поголем број имаме за завршниот испит, вели Весна Трајковска  директорка во средното земјоделско училиште „Киро Бурназ“.

Во Гимназијата „Гоце Делчев“ 200 ученици полагаа англиски јазик, 16 руски и 5  француски јазик. Во техничкото училиште „Наце Буѓони“ вкупно 276 ученици од македонски и албански наставен јазик полагаа англиски јазик, додека 35 ученици полагаа француски јазик.

-Со настава на македонски наставен јазик полагаат вкупно 120 ученици од кои само еден полага руски јазик, а останатите полагаат англиски јказик. На албански наставен јазик 178 ученици од кои што еден полага француски, а другите полагаат англиски јазик. Се оди во нормален ред како вообичаено имаме искуство во спроведување на овој вид на испити, вели Лидија Тасевска, директорка на економското училиште „Перо Наков“.

На 17 јуни во просториите на Гимназијата „Гоце Делчев“ ќе се полага математика, а на 19 јуни ќе се полагаат општо образовните предмети: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Првичните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит. Кандидатите ќе имаат право на приговор по што се добиваат конечните резултати.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)