Се уредува Спомен костурницата

Во пресрет на Денот на востанието на Македонија, 11 –ти Октомври генерално чистење и уредување на просторот околу локалитетот Спомен костурница. Екипи на јавните претпријатија „Чистота и Зеленило“ и „ Куманово-Паркинг“, како и секторот за комунални дејности во општина Куманово денеска работеа на партерно уредување на просторот околу спомен обележјето, санирање на оштетувањата на скалите кон споменикот , а се поставуваше и асфалт  на површина од 2000 метри квадратни на пристапната патека кон локалитетот.

– Спомен обележјето е под надлежност на државата, а ние во рамки на нашите можности и овластувања помогнати со одредени спонзори вршиме реконструкција на дел од постоечкото партерно уредување  и комплетна реконструкција на постоечките пристапни патишта.  Ќе продолжиме со поставување на урбана опрема и комплетна реконструкција на уличното осветлување кое што беше направено пред четири години , а во моментов е целосно уништено , изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Овој локалитет често е мета на вандалско однесување од страна на поединци поради што јавното претпријатие Чистота и зеленило кое што редовно се грижи за уредување на локалитетот  неделава  постави чуварски служби . Наредната година пак, како што најави Димитриевски ќе бидат ангажирани и приватни агенции за обезбедување.

– Ние ако јавно претпријатие  веќе од овој понеделник неделава имаме поставено дежурни служби кои што ќе работат на одржување на овој објект во три смени,  меѓутоа ќе се работи на физичко обезбедување на самиот простор. По завршувањето на работните зафати од страна на Општина Куманово  – одделението за комунални работи ние како јавно претпријатие  ќе влеземе тука во процес и сите зелени површини ќе ги уредиме и ќе засадиме нови насади на цвеќиња и на дрвја, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

-На овој локалитет пред четири години беше поставено целосно осветлување , но за жал сите гледаме дека тука осветлувањето комплетно е уништено и сега повторно ќе го поставиме осветлувањето , изјави Фадиљ Шабани , директор на ЈП „Куманово –паркинг“

Димитриевски најави дека првпат општините Куманово и Прилеп заеднички ќе го одбележат 11 –ти Октомври. Делегација од Општина Куманово утре ќе присуствува на одбележувањето на 11-ти Октомври во Прилеп, а во четврток  неделава делегација на Општина Прилеп ќе положи цвеќе на Спомен костурницата каде што лежат коските на близу 500 борци и 8 народни херои од Куманово.

Коментари

коментар(и)