Се уште отсечени села низ кумановско

Покачувањето на температурите и интервенцијата на двете фирми за зимско одржување на патиштата допринесе за делумно или целосно расчистени улици и тротоари во Општина Куманово, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.

Сообраќајот и денес се одвива по влажни коловози, отежнато и во зимски услови, а утринава и со појава на подледени делови од патиштата.

Како што информираат од Јавното претпријатие „Македонија пат“ сите автопати, магистрални и регионални патни правци под нивна надлежност кои гравитираат кон североисточниот дел од земјата, односно општините Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Ранковце, Кратово и Крива Паланка се проодни, но нагласуваат дека е потребно претпазливо движење. Како што велат од претпријатието во тек е редовна контрола и интервенција од страна на возилта за чистење на снег на сите регионални патни правци, освен на патиштата од четврта категорија кои допрва треба да се работат во одредени делови каде до сега механизацијата не стигнала.

Во Куманово и надвор од градот се уште се работи на одредени делови каде снежните наноси го отежнуваат движењето на возилата, но како што велат пречка во централното градско подрачје се и голем број паркирани возила на улиците од кои механизацијата не може да работи. Во текот на викендот на одредени места била барана и интевренција на полициски екипи за отстранување на возилата за да може да се исчистат патиштата.

Викендов до Регионалниот центар за управување со кризи се јавил и граѓанин од село Скачковце кој пријавил дека патот кон селото не е исчистен, односно 500 метри кои водат до црквата во селото, а пријави имало и од граѓанин кој живее на месноста Пчински пат кој побарал помош екипи на ЈП „Водовод“ да излезат и да интервенираат на повеќе локации на пукнати водоводни цевки.

Како што додаваат од ЈП „Македонија пат“ во кумановско денес се продолжува работата низ приградските и селските населби. Интензивно се работи кон пристапот до селата и до сега според информациите од Општина Куманово над 90% од патиштата кон селата се исчистени и е овозможено редовно одвивање на сообраќајот.

Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ продолжи со одржувањето на тротоарите во градското подрачје, велат од Општината.

Во Општина Старо Нагоричане и натаму ситуацијата останува драматична. Поголем дел од планинските села и по 10 дена се уште се блокирани од снежните наноси. Како што велат од општината поголемиот дел од локаните патни правци во текот на викендот се исчистени. Регионалниот пат од село Драгоманце до село Кокино е делумно исчистен, а во текот на денот ќе се чистат патните правци во селата Арбанашко, Рамно, Пелинце, Длабочица, Бајловце, Цвиланце и Враготурце. Сепак и натаму поради многу лош и непристапен терен завеани остануваат селата Рамно, Цветишница, М’глинце, Малотино, Дренак, Жељувино и Брашко.

Како што велат надлежните од Општина Старо Нагоричане, од „Македонија пат“ барале општината да интервенира, но тие бараат поддршка од други институции со дополнителна механизација поради неможност сами да се справат со тешко пристапните планински патишта. Дополнителен проблем се јавува со патните правци Старо Нагоричане – Макреш, Канарево, како и патиштата кон Бајловце и Дејловце каде има стари и изнемоштени лица, како и помални деца со здравствени проблеми кои имаат потреба од медицинска помош. Како што велат од РЦУК слабо исчистени се и меѓуселските локални патишта во низинскиот дел од општината.

Локалните патни правци во Општина Липково се исчистени и сите проодни за сообраќај кој се одвива во зимски услови. Проодни се патните правци кон селата Гошинце, Лукаре, Руница, Брест и Белановце, но се сугерира сообраќајот да се одвива исклучиво со теренски моторни возила. На телефонскиот број 195 жител на селот Мала Пресница пријавил дека патот до селото е непрооден поради наноси на снег, по што веднаш биле известени надлежните служби од општината и Дирекцијата за заштита и спасување.

И покрај информациите од надлежните дека патните правци се исчистени, сепак покачувањето на температурите викендов го топеше снегот со поголем интензитет, а тоа пак создаде нови проблеми. Во текот на ноќта улиците и тротоарите замрзнаа, што го отежнуваше движењето и на пешаците и на возилата. Во справувањето со божиќниот снег потрфлија институциите и на локално и на централно ниво, а метеоролозите најавуваат снежни врнежи во текот на целата работна недела.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)