Се чествува празникот Источен петок Балаклија

Во црквата Света Петка во населбата Бедиње денеска православните верници го одбележаа празникот Источен петок или Балаклија. Граѓаните ја посетија црквата каде што се празнува денот поврзан со Пресвета Богородица и нејзините молитви кон Бога. Свештеникот Антонио Петрушевски објасни дека овој празник не се определува според датум, туку секогаш се празнува во петокот по Велигден. Потенцираше дека средата и петокот од Светлата недела, односно по Велигден се јаде мрсна храна.

-Источен петок Балаклија е поврзан со чудесата изврешни по молитвите на нашата владичица, прва застапничка пред Бога, Пресвета Богородица. Се слават сите нејзини чудеса, исцеленија што таа ги прави со нејзините молитви пред Господа. Како што знаеме Пресвета Богородица е наша најголема застапничка пред Бога, ја почитуваме како прва после Господ, повозвишена од ангелите затоа што нејзините молитви се навистина секогаш услишани што ги пренесува пред нејзинот син и нашиот Бог. Најважно е со вера да приоѓаме кон нејзината икона да ги пренесуваме нашите молитви и како што се пее во молитвите таа е непресушен извор на исцеленија и чудеса-нагласи тој.

Верниците се причестија, исекоа колач, запалија свеќи и се помолија за здравје и среќа.

-Секогаш на овој празник доаѓаме во црква, не сечеме колач, палиме свеќи, се молиме за здравје за себе и најблиските. Претходно кога работевме доаѓавме и во четвртокот попладне, но сега бидејќи сме пензионери и имаме слободно време црквата ја посетуваме во петок-вели една верничка.

Митрополитот кумановско-осоговски Јосиф вчера во истата црква служеше вечерна богослужба.

 

Коментари

коментар(и)