„Скаут“ ги награди најдобрите ученици

Извидничкиот одред „Скаут“ вчеравечер организираше свечено доделување на награди за ликовниот и литературен конкурс на тема „Социјалните мрежи како опасност од станување жртва на трговија со луѓе“. Манифестацијата се одржа во фоајето на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ каде што беа изложени делата на младите талентирани уметници од основните училишта во градот. Исидора Божиновска, Ива Манасијевиќ и Миа Цветковска се првите три наградени учеснички на ликовниот конкурс , а Лина Цветановска, Милена Зафировска и Луна Димковска се наградените на литературниот конкурс.

Најдобрите прозни дела на тема „Опасен онлајн разговор“ беа прочитани од авторите пред соучениците, нивните ментори и родители.

Пред присутните се обратија Моника Спасовска од извидничкиот одред Скаут и Стојне Атанасовска – Димишковска  од Отворена порта, вработена како превентивен и едукативен тренер од областа на трговија со луѓе. Спасовска потенцираше дека Скаут постои 22 години, а разните акции, натпревари, логорувања, кампови, размени се само дел од активностите кои секоја година се подготвуваат за извидниците. Кампањата „Борба против трговија со луѓе“  е со цел да ги информира и едуцира граѓаните преку неформални методи на можните опасности од трговија со луѓе со цел создавање на побезбедно општество, посочуваат од „Скаут“.

 -Причината поради која ние се вклучивме во кампањата беше тоа што во последно време се почесто слушавме како исчезнуваат лица и им се губи секаков траг. Ретко кога некого ќе успеат да пронајдат и да го вратат дома. Деца, родители, стари лица стануваат жртви на сопствената судбина или на некое поголемо зло. Но, вистинското прашање е што правимe  ние како општество за да го спречиме ова. Недостаток од разговор на вакви теми ги прави децата подложни на најразлични опасности. Вклучувањето на децата од основните училишта во нашата кампања беше од значаен карактер бидејќи промените во општеството секогаш започнуваат од најмалите. Нивното учество на ликовниот и литературниот конкурс им даде необична задача да дознаат нешто повеќе за темата трговија со луѓе, а со тоа и да се разбуди нивната љубопитност да истражуваат. Нивните творби како дел од изложбата ги претставуваат нивните замисли и познавања од нивните секојдневни примери и на нас ни даваат претстава за тоа колку тие ја познаваат оваа тема. На родителите и професорите оваа изложба ќе им даде до знаење колку децата се свесни за опасностите и колку често се подложени на секакви манипулации, изјави Моника Спасовска, Извиднички одред „Скаут “

Ова ќе биде вистински поттик за повозрасните да почнат почесто да разговаат со децата на оваа тема и да им посветат повеќе време и внимание, смета Спасовска. Кампањата се реализира со поддршка на невладината органзација Отворена порта , која 20 години активно делува и овозможува помош и поддршка на жртвите од трговија со луѓе.

-Во текот на овие две децении имаме помогнато на повеќе од двеста жртви , а она што е најтрагично е што старосната граница на жртвите од трговија со луѓе се повеќе опаѓа. Лани од девет идентификувани, осум беа малолетни, најмалата имаше 12 години. Затоа нашата енергија најмногу ја вложуваме во превенцијата бидејќи само преку превенција можеме да ги заштитиме младите од ова зло, изјави Стојне Атанасовска Димишковска , НВО „Отворена порта “   

На свечениот настан беа соопштени и учесниците кое што се стекнале со право на учество на бесплатен извиднички камп, а беа доделени и благодарници на училиштата.
Извидничкиот камп ќе се одржи за време на викенд во текот на месец мај, а преку едукација, видеа, форум, театар и други извиднички креативни игри ќе им овозможи на децата да почнат да ги препознаваат знаците на трговија со луѓе и како да пријават.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)