Слободен влез за „Мојата ти“

Кумановскиот театар ќе го даде својот придонес кон одбележувањето на 27 март – Светски ден на театарот со изведбата на претставата „ Мојата ти“  од Олга Димитријевиќ во режија на Драгана Милошевски Попова. Традиционално, пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака посветени на актуелниот театарски миг.

– Утре ќе ја има претставата „Мојата ти“ , влезот ќе биде слободен. Ќе се прочитаат театарските пораки од Југослав Петровски од Македонија и една светска меѓународна театарска порака пред почетокот на претставата. Вообичаено, имаме посетеност на претставите, кумановската публика сака театар и очекуваме во наредниот период да ја зголемиме посетеноста. Речиси секоја претстава е посетена,  80 проценти е исполнет капацитетот, понекогаш и сто проценти е исполнет капацитетот, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Автор на меѓународната порака за Светскиот ден на театарот – 27 март  годинава е Карлос Селдран – режисер, драмски писател, театарски едукатор и професор од Куба.

Во  „Мојата ти“ играат  актерите Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Сања Русеска, Владанка Димковска и Марко Трајковиќ. Претставата е со почеток во 20 часот.

Инаку, одбележувањето Светски ден на театарот е иницирано на 9. Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт – ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година.

Интернационалниот театарски институт – ИТИ е основан во 1948 од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности. Институтот настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање со цел да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите.

Настаните што низ светот се организираат на Светскиот ден на театарот се обид да се остварат тие цели. Интернационалната порака се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот. Жан Кокто е автор на првата меѓународна порака во 1962 година. Од 1997-та година , Светскиот ден на театарот се одбележува и со македонска порака во нашата држава.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)