Советникот Дервиши бара парцијална измена на ГУП

Дали ќе се донесе парцијална измена и дополна на постоечкиот урбанистички план додека не се донесе новиот Генерален урбанистички план?, праша  советникот Фериз Дервиши на денешната седница посветена на советнички прашања. Дервиши смета дека треба побрзо да се преземе иницијатива за изработка на ГУП, а паралелно да се изгласа парцијална измена на постоечкиот донесен во 2004-та година бидејќи, според советникот, во градот владее општ урбанистички метеж поради не совпаѓање на деталните со Генералниот урбанистички план.

– Мислам дека треба побрзо да преземе иницијатива за изработка на ГУП, со парцијална измена,  таму каде што има потреба да има измена за намена на градба. Барам дебата со градежни фирми, со градоначалникот и надлежните од јавното претпријатие „Куманово план“, рече Фериз Дервиши, советник 

Александар Гелевски од Секторот за урбанизам појасни дека согласно годишната програма донесена од советот предвидена е изработка на нов ГУП, а штом е донесена таква одлука, не може во исто време да се донесе иницијатива за изработка на измена и дополна на веќе постоечкиот ГУП.

-Кога веќе е донесена одлука на советот за нов ГУП, не може во исто време да се донесе иницијатива за изработка на измена и дополна на веќе посточкиот ГУП . Додека не се донесе одлука за изработка на нов ГУП, не може да отпочне изработка на измена и дополна на веќе постоечкиот ГУП, рече Александар Гелевски, Сектор за урбанизам 

Директорот на јавното претпријатие „Куманово план“  задолжено , меѓу другото и за ГУП,  Горан Митевски објасни дека се очекува во наредниот период да бидат донесени Законот за урбанистичко планирање и Програмата за изработка на урбанистичките планови на Македонија, по што ќе се отпочне со работа како програмска задача на министерството за транспорт и врски.

-Ова тело на локално ниво ќе биде во соработка со Агенцијата за просторно и урбанистичко планирање на Македонија во однос на изработка на ГУП. Постапките кои се започнати во претходниот период и за сообраќајната студија и некои други  студии кои што требаше да се изработат се стопирани додека не се донесе Програма за изработка на урбанистички планови од страна на министерството за транспорт и врски, каде што ние сме како дел, односно општина Куманово, изјави Горан Митевски,  директор на ЈП „Куманово план“

По образложенијата од надлежните, советникот Дервиши се согласи предлогот за парцијална измена и дополнување на постоечкиот ГУП да биде пролонгиран, најдоцна до ноември наредната година.

Градоначалникот Максим Димитриевски во врска со предлогот , рече дека во месец мај следната година ќе побара комплетен извештај од „ Куманово план“ за постапката околу ГУП , по што ќе се донесе одлука дали ќе се оди на парцијални измени.

-Во месец мај следната година јас ќе побарам комплетен извештај од јавното претпријатие во која фаза е и до каде е постапката. Ако оди премногу споро, тогаш сакале или не, ќе мораме  да пристапиме на парцијални измени, но паралелно со тоа сакам да напоменам дека има структури во градот кои што не многу се заинтересирани да се донесе новиот ГУП  како што е планирано,  туку повеќе се заинтересирани да се оди на парцијални измени и времено решавање на одредени позиции. Што значат парцијални измени – дека таму каде што е веќе постоечкото зеленило ќе се намали, а ќе се вцртаат поголем број на објекти или пак ќе се пренаменат делови на градот каде што се објекти за индивидуално домување во објекти за колективно домување. Сакам да бидам максимално транспарентен. Од финансиски аспект за општината вцртување на колективно домување е позитивно, но од хуман аспект, од еколошки, од долгорочно планирање на градот е лошо,  значи кумановци ќе мораме да избереме дали ќе гледаме од економски аспект или долгорочно ќе планираме стратегија за развој на еден модерен и урбан град, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

За да се заврши постапката за ГУП, дообјасни Димитриевски прво треба да се изготват стратешки документи кои што, вклучувајќи ја и сообраќајната студија чинат повеќе од 100 илјади евра, пари со кои што не располагаат ниту општината, ниту пак јавното претпријатие. Поради тоа, во соработка со министерството за транспорт и врски, изработката на ГУП на Куманово е влезена во рамките на државната годишна програма за поддршка на изработка на генерални урбанистички ланови, односно државата ќе прифати делумно да го финансира новиот ГУП на Општина Куманово.

Последниот ГУП, потенцира Димитриевски бил отпочнат во 1995-96- та година, а донесен е дури осум години подоцна.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)