Советниците расправаа за работата на библиотеката „Тане Георгиевски“

Минатата 2018-та година била успешна за кумановската библиотека Тане Георгиевски, бидејќи е зголемен бројот на читатели. Ова беше истакнато на денешната седница на Советот на општината, на која советниците го разгледаа извештајот за работа, како и финансиите. Советниците од СДСМ ја пофалија работата на библиотеката, додека опозицијата се осврна на финансисите, но и на зголемениот број на вработени лица.

Имено во 2018-та во кумановската библиотека се вработиле седум лица, па моменталниот број на ангажирани изнесува 18. Сашо Стошевски од ВМРО-ДПМНЕ праша која е основната задача на библиотеката, вработување партиски кадри или едуцирање и креирање на знаење на населението во градот.

-Цитирам во извештајот дека библиотеката е институција која креира, едуцира и иницира знаења и овозможува широк пристап до секаков вид на информации. Додека во вашиот случај гледам зголемување на вработени за скоро 70 проценти , односно 8 нови лица за претходната 2018. Со што ја претворивте инстуциија не за дејноста за која е основана и постои туку за партиски вработувања и за задовлувања на потребите на месните штабови на сдсм. Тоа се гледа од расходната страна на фгинансискиот извештај во кој стои дека имате потрошено над 25.000 евра повеќе од 2017-та по однос на плати за вработени, придонеси и останати давачки. Додека ни половина од сумата односно 11.630 евра сте потрошиле за зголемување на книги, за библиотека и учебници, односно библиотечниот материјал-нагласи тој.

Советничката, Александра Андоновска пак изрази поддршка за работата на библиотеката, посочувајќи дека се гледаат резултатите од  зголемениот број на вработени.

-Сакам да изразам поддршка и благодарност за ова што го работи библитеоката, во однос на она што може да се види од извештајот за работата на библиотеката во 2018-та година. Искрено да кажам воопшто не ми пречи што е зголемен бројот на вработените, затоа што како што може да се види од извештајот дневно има над 200 посети од читателите и секако дека треба да има соодветен кадар, за да можат да ги опслужи читателите. Во однос на тоа што се гледа од извештајот е дека навистина кумановци читаат и во 2018 га година е зголемен бројот на членовите=истакна таа.

Директорот на кумановската библиотека, Марјан Петковски одговори дека до мај минатата година биле вработени вкупно 11 лица, но поради потребите, двата објекти, одделот за возрасни и детскиот, биле ангажирани уште лица.  

-Два шалтери работат од 7 до 19, работиме и сабота од 7 до 15, тука се вклучени и оние работни места што не беа предвидени за работа на шалтер, сите значи ние сите ги работиме задачите заеднички, имаме тимска работа и затоа се овие резултати такви какви што се. Не се согласувам со вас во однос на тоа што политиката ја ставате на прво место, не ги земате фактите што говорат и статистиката и тоа што оваа установа го остварила овој период во 2018. И покрај белата чума во нашата држава каде што бројот на ученици во училиштата се намалува библииотеката секоја година го зголемува членството, тоа се должи на тие луѓе што се нововработени. Секој вработен дава свој придонес во остварувањето на целта на библиотеката. Пред се популаризација на книгата и читањето во нашиот град-нагласи Петковски.

Тој посочи дека успешната приказна на кумановската библиотека која минатата година беше прогласена за најдобра во државата се должи на набавната политика, големиот книжен фонд, мини саемите, средбите со писателите и други бројни активности.

Коментари

коментар(и)