Сообраќајницата на кружниот тек ќе се пушти пред празникот

Сообраќајницата на кружниот тек на влезот на градот би требало да се пушти пред празникот на градот, 11-ти ноември, а потоа ќе се работи и на финалното уредување. Кумановци поздравуваат што надлежните одлучија со ваков вид на  сообраќајно решение, по примерот на многуте европски градови, да го решаваат проблемот со метежот.

Градежни екипи интензивно работат, пред празникот на градот 11-ти ноември, да ја пуштат во употреба сообраќајницата на новиот кружен тек на влезот на градот, а потоа ќе се работи и на финалното уредување.   Веќе е поставен првиот асфалтен слој, а надележните се надеваат дека со овој проект градот ќе добие ново современо сообраќајно решение, кое значително ќе го намали метежот.  За овој проект општината одвои околу 20 милиони денари, а изведувач е кумановската фирма Кооп инжинеринг.

-Самото сообраќајно решение и според нас и според експертите е одлично. Сметам дека на овој начин ќе се намали сообраќајниот метеж во градот, и воедно влезот на градот ќе добие современ и урбан лик, паралелно додека се работи комплетниот проект, се инсталира дополнително и подземна инфраструткура за гасификација, оптички кабли и слично-истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

И кумановци се надеваат дека изградбата на првиот кружен тек ќе го намали сообраќајниот метеж, но и дека повеќе нема да се случуваат несакани сообраќајни незгоди.

-Tоа е за поздравување, тие не градат кружен тек, тие спасуваат живот, имаше многу сообраќајни така што кругот е неопходен, ја поздравувам иницијативата. Треба да се направи уште еден кружен тек кај месноста викана Жмара, тоа е болна точка, секој ден има сообраќајки, тесно грло на сообраќајот, сите се насочени на таа улица има доста голем број станбени згради-вели еден повозрасен кумановец.

-Сигурно дека е потребно па одлучиле да се гради, во последно време гледам дека и во други градови има такви сообраќајни решенија така што сметам дека ова е добро решение кое е за поздравување-дополнува друг кумановец.

-Мислам дека ќе се намали сообраќајниот метеж, во другите градови има кружни текови, ефикасен е подобар, многу се чека на семафорите, подобар е кружен тек. Треба и кај Митев мост, имаше многу сообраќајни незгоди, имаше и жртви, потребни се вакви сообраќајни решенија на различни локации и на улиците да и лежечки полицајци многу бргу се вози, има безброј возила-нагласува трет кумановец.

Надлежните информираа дека изградбата на кружните текови не застанува на оваа локација, туку активно се работи и на изготвување сообраќајно решение од ваков вид на локацијата Митев мост, по што ќе се пристапи на подоготвка на проектна документација.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)