СОС Детско село донира урбана опрема на Општина Куманово

Детското игралиште и дел од контејнерите во транзитниот центар Табановце,  СОС Детско село ги донира на Општина Куманово. Урбаната опрема ќе остане во транзитниот центар до крајната имплементација на проектот на СОС Детско село , односно до 30  јуни годинава. После тоа локалната самоуправа може да ги дислоцира игралиштето и контејнерите и да ги постави на локации кои што ќе бидат одредени од општината. Претставници на СОС Детско село денеска го запознаа градоначалникот Максим Димитриевски со сите активности и пружената помош на мигрантите од нивна страна од почетокот на бегалската криза во 2015-та година. Димитриевски се заблагодари на донацијата и оцени дека опремата е во одлична состојба и може да се искористи за потребите на младата популација, бидејќи на градот му недостигаат детски игралишта.

-Овој детски корнер верувам дека ќе ни даде можности да направиме поголем број на вакви корнери во нашиот град со тоа што дел од оваа опрема која што денеска ја гледаме тука е донирана од самиот бегалски камп со кој што управувало Детското село, ќе биде деспирзирано во одредени делови на нашата општина и секако еден дел од оваа опрема ќе биде ставена на располагање на мештаните ан село Табановце со тоа што ќе ја дислоцираме и на одредени други позиции, со тоа што претпоставувам на локацијата кај што е училиштето во селото и воедно ќе биде еден убав пример како треба да ги уредуваме новите зелени површини, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Од СОС Детско село посочуваат дека  од почетокот на кризата во 2015 година до декември 2017 година пружиле помош на повеќе од 230.000 деца, деца без придружба, мајки, бремени жени и млади девојки. Помошта била во вид на психосоцијална поддршка на краток период, но и на подолг период на оние кои што подолго биле  сместени во Транзитниот  центар, потоа хуманитарната помош и здравствената заштита која што ја обезбедувале преку Црвениот крст на град Скопје и слободен пристап до интернет  за сите бегалци. Сервисните  услуги беа  спроведувани во партнерство со Центарот за управување со кризи Скопје, како и со Регионалниот центар за управување со кризи во Куманово, Министерството за труд и социјална политика и стратешкиот  партнер канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Срџан Амед, менаџер на проектот за поддршка на СОС Детско село во Македонија.

Што се однесува до моменталната состојба во Транзитниот центар Табановце, надлежните информираат дека бројката на мигрантите кои тшто претежно се помлада популација и се економски мигранти на дневна основа варира.

-Во моментов во Транзитниот центар Табановце има 21 мигрант-бегалец , инаку на дневна основа тоа се променливи состојби. Пред недела дена имавме дури 62 бегалца, сепак тоа зависи од движењето од јужната кон северната граница и обратно така што ништо нема да биде чудно денеска да завршиме во вечерните часови со бројка од 30-40 бегалци. Она што останува и што беше во претходниот период како грижа за бегалците со јасно запазување на максимално хуманиот третман кон бегалците останува и денеска да важи и влијае.  Моментално има едно семејство со дечиња, остатокот се индивидуални младинци односно има дури и непридружувани лица за кои е одговорно МТСП применувајќи ги стандардите на стандарно оперативните процедури за постапување со деца без придружба, изјави Горан Стојановски, одговорен на Транзитен центар Табановце

Најголем дел од мигрантите кои што престојуваат во Транзитниот центар доаѓаат од земји во кои што не се војува, Алжир, Мароко, Либија, посочуваат надлежните.

Европската мигрантска криза започна пред три години кога илјадници луѓе  мигрираа во Европа, а во нашата држава влегуваа од границата со јужниот сосед. Република Македонија им пружи максимално хуман третман и поддршка на мигрантите. Во Гевгелија беше изграден Транзитно –прифатниот центар Вино-југ , а во близина на границата со Р.Србија , односно кај железничкиот граничен премин беше изграден Транзитниот  центар –Табановце.

Коментари

коментар(и)