Се одржа работна средба на која се дискутираше за организација на традиционалната манифестација,,Детски семафор,,. Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на Општина Куманово и отсекот за превенција при СВР Куманово ги повикаа претставниците на основните училишта на подрачјето на општина Куманово, Липково и Старо Нагоричане да бидат учесници на средбата. На состанокот беа дадени упатства за начинот на учество на училиштата на општинските и регионалните натпревари. По одржувањето на општинските натпревари ќе се изберат три екипи кои ќе се натпреваруваат на регионално ниво.
– Општинскиот натпревар ќе се одржи на 16-ти април, а регионалните ќе бидат завршени до 1-ви мај. Врз основа на општинските натпревари ќе се одбере една екипа од основни и од средни училишта кои на 31-ви мај ќе учествуваат на државниот натпревар ,,Детски семафор,,- вели Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенцијаво при СВР Куманово.
Основната цел на оваа активност е подобрување на општата безбедносна состојба и градење на сообраќајна култура. Детскиот семафор има влијание на најмалите за совесно и безбедно учество во сообраќајот,а преку нив и на повозрасните учесници во сообраќајот.
-Повикани се претставниците на сите основни училишта за да се договориме за одржување на ,,Детскиот семафор,,. Како и секоја година општинскиот совет за безбедност во соработка со СВР Куманово ја организира оваа манифестација со цел подобрување на сообраќајно-техничка култура на младите- објасни Африм Емини, претседател на општинскиот совет за безбедност на Општина Куманово.
Манифестација ,,Детски семафор,, се организира повеќе од педесет години на ниво на земјава, а право на учество во натпреварите имаат децата од 10 до 15 години.