Со заеднички активности до почитување на различностите

Домаќин на традиционалната  манифестација  „Празниците зближуваат“ годинава е основното училиште „11 Октомври“. По повод велигденските празници денеска продолжија активностите за заедничко одбележување на верските празници на сите етнички заедници кои што живеат во градот. Ова е дел од проектот „Безбедни училишта“ кој го спроведува  СВР Куманово во соработка со основните и средните училишта.

-Имаме неколку точки,  драматизации, оркестар,  хор, мали дечиња облечени како велигденски зајачиња и други активности. Пораката е- Сите заедно можеме се, затоа што нема тука разлика, ниту национална, ниту етничка, сите заедно се дружиме, сите заедно работиме изјави Тања Тодоровска, професор по музичко образование

-Оваа наша манифестација денеска ќе ја одбележиме со пригодна приредба, а после завршување на приредбата ќе присуствуваме на велигденската трпеза во салата за физичко образование заеднички да го продолжиме нашето дружење со тоа што ќе ги вкусиме нашите готвачки вештини од родителите, од учениците, од наставниците и од СВР. Оваа манифестација ќе стане традиција на сите училишта, на сите етнички заедници, негувајќи ја и почитувајќи ја различноста , толеранцијата, обичаите, традицијата  и трпезата ние имаме едно огромно богатство и среќа, рече  Мерилин Стојчевска, директор на ООУ „11 Октомври“

Новина оваа година е тоа што  покрај учениците и наставниците, во подготовките се вклучија и родителите со што се испраќа една убава порака дека на ваков ден сите заедно треба да дадеме поддршка и помош на младите да растат во безбедна средина без предрасуди и без оглед на тоа што сме различни, вели Виолета Богдановска од Одделот за превенција.

-И денеска е Велигден каде што трпезата е богата со шарени јајца и многу други убави работи што значи дека иако сите се различни сепак заедно претставуваме едно големо богатство и секако можно е среќно и безбедно да живееме. Проектот продолжува.  Пред пет години се усвои од страна на Советот на шест општини кои што ние ги покриваме и како такви се дадени насоки за реализација на проектот во сите средни и основни училишта со мерки кои што се актуелни секоја година, а со вакви активности ние ги надополнуваме активностите се со цел да нема насилство меѓу дечињата и што повеќе луѓе да се вклучат, да знаат за проектот и да сакаат да учествуваат изјави Виолета Богдановска, Оддел за превенција

Заедничкото одбележување на празниците продолжува. Наредниот месец ќе се организираат активности во Средорек, Бајрам ќе биде прославен во Липково, а наредната година домаќин на велигденската манифестација ќе биде основното училиште „Браќа Миладиновци“.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)