Со моќни жени, до моќна држава

„Со моќни жени, до моќна држава“ е мотото на денешниот хепенинг кој се одржа на градскиот плоштад, а го организираше Форумот на жени на општинската организација на СДСМ Куманово во пресрет на Меѓународен ден на жената, 8-ми март.  Делејќи флаери на граѓаните, припадничките на понежниот пол, упатија пораки дека општеството мора да им дозволи на жените да ги уживаат човековите права, да има родова еднаквост и рамноправност. На настанот беа промовирани и мерките и активности кои што досега беа преземени, во полето на родовата рамноправност, меѓу кои и неодамна донесените законски решенија, во насока на подобрување и заштита на положбата на жената во општеството. Претседателката на Форумот на жени на ниво на државата, Снежана Калевска Ванчева посочи дека се уште во општеството има стереотипи и бариери кои што го спречуваат учеството на жената, заедно со мажите во севкупниот општествено-политички живот.

-Но тоа ние се стремиеме да го промениме, работиме во континуитет и еве сега веќе СДСМ е првата партија која конечно вели дека овој пат 50-50 ќе бидат на листите, но тука не застануваме, не е само учеството на жената во Законодавната власт, во локалната власт во смисла на застапеноста во Советите туку борбата треба да продолжи за еднакви можности и во извршната власт и ние за тоа ќе се бориме.  Нема среќно општество без еднакво учество на мажите и жените. Нема развој на демократија без еднакво учество, конечно во ова општество мора да сфатиме дека местото на жената е исто важно како што е местото и на мажот. Она што ние го сакаме е само да имаме еднакви можности-нагласи таа.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ од Куманово, Соња Тодоровска, посочи дека се горди на она што го постигнале на полето на родовата еднаквост, но се уште треба време за да се промени свеста на луѓето.

-Се уште треба време и работа за да ние жените се чувствуваме безбедни, еднакви и заштитени. 8-ми март е денот кога ние ја славиме секоја борба, секој успех но и секој крик и повик за помош. 8-ми март е денот на кој што ние само погласно велиме не за родова дискриминација, не за насилство врз жени и девојчиња, потсетуваме дека жената е само човек, дозволете ни да ги уживаме човековите права.  На овој ден сакам да ги повикам сите жени да ни се приклучат во нашата борба, работа, на промена на машката перцепција на светот и општеството да ни помогнат да го постигнеме статусот на родова еднаквост и рамноправност, затоа што само со силни родовоосвестени и среќни жени може да се случат вистинските промени во општеството. Само со моќни жени можеме да имаме моќна држава-нагласи таа.

Тодоровска порача жените секој ден да бидат храбри и одлучни како Роза Луксенбург и Клара Цеткин.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)