Со панихида одадена почит на хероите од Диво насеље

Панихида во чест на загинатите осум припадници на Министерството за внатрешни работи, денеска се одржа во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.

Организатор на панихидата е здружението „Бранители 2001“ и Кумановско-осоговската епархија, а присуствуваа членови на ВМРО-ДПМНЕ и граѓани кои сакаа да им одадат почит.

– Во 2015 година македонските безбедносни сили се судрија со добро организирана терористичка група, се водеа борби без цивилни жртви за среќа. Во таа борба загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили, по тој повод Македонската православна црква денеска ќе одржи панихида во нивно име, за покој на душите. Ние се собираме секоја година на овој датум да им одадеме почит на хероите, да им порачаме на нивните семејства дека никогаш нема да ги заборавиме. Господ е со нас и секогаш сме на располагање за борбата за Македонија, изјави Предраг Петрушевски, претседател на здружението „Бранители 2001“.

Во вооружените престрелки кои на 9-ти и 10-ти мај се водеа во кумановската населба Тоде Мендол, попозната како Диво насеље, животот го загубија осум полицајци, а повеќемина беа повредени. Настанот беше окарактеризиран како тероризам, но судскиот процес се уште тапка во место.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)