Со „Пијано“ на струмичкиот карневал

Групната маска „ Пијано “ на учениците од четирите средни училишта во Куманово доби благодарница и медал за јубилејното, десетто учество на струмичкиот карневал Тримери 2019-та .

Во категоријата од 30 до 50 лица , во силна конкуренција се претставија изминатата сабота на централното дефиле пред многубројната публика.

Покровител на оваа маска , како и претходните години е Општина Куманово, информира раководителот на Секторот за култура, Цоки Ристовски.

– Од страна на Oрганизациониот одбор бевме наградени со една благодарница и еден медал за маската  бидејќи станува збор за јубилеј, десет години учество на карневалот, а стручното жири годинава нашата маска ја оцени со 39 поени. Инаку, да кажам дека на струмичкиот карневал се натпреваруваме во категоријата –маски од 30 до 50 лица и во таа категорија освоиме 39 бодови односно 4 место,  изјави Цоки Ристовски, раководител на Сектор за култура  

Во изминатите десет години колку што кумановските средношколци учествуваат на струмичкиот карневал, маските од Куманово три пати досега се наградени.

-Во изминатите десет години ние нормално секоја година настапуваме со различна маска, една година бевме наградени со стимулативна мерка како дебитанти, една година бевме трето место во категоријата од 30 до 50 лица, бидејќи секоја година учествуваме со 40 учесници и сме во таа категорија, една година нашата маска беше пофалена од страна на жири комисија како креативна маска.  Струмичкиот карневал има високи критериуми, маските им се доста иновативни, креативни, но исто така тие се богати маски и за такви маски требаат поголеми финансиски средства. Ние во рамките на буџетот на Општина Куманово правиме напори маската да биде направена со средствата со кои што располага Општина Куманово. Тие пари за некои поголеми награди и места не се доволни, бидејќи реално во Струмица за маската учениците издвојуваат од сопствен буџет, а маската на Куманово ја финансира општината, изјави Ристовски.

На струмичкиот карневал се доделуваат награди за маски во шест категории, групна маска со 50 и повеќе лица, групна маска со 30 до 50 лица, маска со 20 до 30 лица,  маски со учесници од 10 до 20 лица , маска од 5 до 10 лица,  маска од едно до пет лица, а секоја година се избира и најдобра дебитантска маска.

Коментари

коментар(и)