Со помалку пари до почисто Куманово

Со 600.000 денари помалку финансиски средства од првично предвидените, ќе се реализираат Програмата за одржување јавна чистота на јавни сообраќајни површини годинава и Програмата за уредување и одржување на градското зеленило, информираа надлежните од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ на денешната седница на Советот.

Забелешки во однос на намалените ставки во двете програми имаше советникот Зоран Петрушевски, барајќи одговори од раководството на комуналното претпријатие.

-Во едната програма бараат помалку околу 200.000 денари и во другата околу 400.000, но основата за намалена побарувачка е дека од 365 дена ќе ги метат 350, не е многу 15 дена помалку, но зошто во оригиналната стара програма не сте предвиделе ваква една логична работа дека таа работа не може да ја работите 365 дена, туку е логично 350 дена, исто во однос на зелено цветни површини во оригиналната програма сте понудиле, а ние сме прифатиле дека од лисја до друг био -разградлив отпад од 420 тури намалувате на 185, тоа е голем распон од нешто што порано сте мислеле дека треба да се направи, а сега велите доволно ќе се 185 тури, нас поевтино ќе не чини како општина, но ме интересираат вашите проценки, како порано биле поголеми, а сега се намалени, рече Зоран Петрушевски, советник

-Во делот на одржување на јавна чистота го намаливме износот, оние 15 дена каде можеби е направен превид, би требало да бидат и претходно внесени за зимско одржување, а во делот на градско зеленило, сметаме дека е возможно да се намали, затоа што ЈП обезбеди поголема механизација со поголем капацитет и сметаме дека со овие тури кои ги имаме ќе успееме да ја одржуваме чистотата во градските паркови и зеленило, рече Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово

Стојчевски потсети дека програмите пред усвојување се дадени на разгледување на сите советници и во нив детално било опишано што се работи на терен . Тој го повтори предлогот даден на минатата седница – да се состави работен тим за следната програма од претставници на јавното претпријатие, на општината и од советот и сите заеднички да донесат програма врз основа на која во иднина ќе работи претпријатието.

-Убаво е кога ќе си признаат дека тој нивен превид вреди околу 200.000 денари за тоа што ќе го платиме ние како Буџет и се поставува прашањето дали е можно да имате и други превиди, да сте ја надувале програмата и по други ставки. И сега останува само да апелираме тие луѓе ако сакаат и вие ако сакате да не правите превиди кои крај на крај ги чинат граѓаните на Куманово, рече Петрушевски.

По кратката расправа, советниците ги усвоија измените на програмите за одржување јавна чистота на јавни сообраќајни површини и за уредување и одржување на градско зеленило во Куманово за 2020-та година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)