Со соларна енергија до поголема заштеда

Во време на развиена технологија луѓето бараат начини како да дојдат до поголеми заштеди, а вооедно да ја заштитат и околината како и самата планета Земја. Се повеќе се настојува да се искористуваат непресушливите извори на енергија. Сонцето како еден од тие извори, има доволно енергија за да ги задоволи потребите на сите нас. Со толку многу сончеви денови во текот на целата година едноставно е невозможно, а да не се помисли колку многу би ни бил полесен животот со употреба на соларната енергија.

Вистина е дека соларните системи бараат голема инвестиција, но од друга страна се согледува колкава заштеда имаат семејствата. Затоа и секоја година се зголемува побарувачката за соларните панели.

Придобивките од употребата на истите се големи, а за начинот на нивна продажба, за заинтересираност од страна на купувачите добивме информации од еден вработен во „МЕГА“, Куманово – фирма која врши продажба на сончеви термални колекторски системи:

  1. Вие секојдневно се среќавате со купувачи на кои што им ги нудите вашите производи, па колку навистина луѓето се заинтересирани за купување и поставување на соларни колектори?

  • – Во нашиов продажен салон секојдневно се зголемува побарувачката за сончевите панели. Располагаме со сончеви термални колекторски системи кои можат да се разликуваат по боја и степен на транспарентност, во зависност од потребите на клиентите. Соларната енергија е обновлива, па тоа претставува дополнителна причина од која што луѓето ги поставуваат токму овие колектори.

  1. Колкава е просечната заштеда со употреба на сончевите колектори?

  • – Според нашите пресметки, но и податоци добиени од нашите задоволни купувачи, можам да кажам дека едно просечно домаќинство заштедува дури 10 000 денари на годишно ниво. Со оглед на тоа дека просечниот животен век на соларните колектори е долг, инвестирањето во нив е дефинитивно многу исплатливо.

  1. На кој начин се стимулира користење на сончева енергија во Република Македонија?

  • – Нашава земја е богата со сончеви денови. Владата, која е свесна колку е значајно за самата држава искористувањето на сончевата енергија, започна проект со кој се надоместува одреден дел од трошоците направени за купување на сончеви колектори. Таа покрива 30% од паричниот износ платен за колекторот, но не повеќе од 300€ во денарска противредност. Целта на овој проект е стимулација за користење на сончеви ресурси од страна на населението.

По завршениот разговор со вработениот, во општина Куманово направивме анкета. Поголемиот број од испитаниците се изјаснија дека се задоволни од употребата и функционирањето на сончевите колектори. Мал дел се изјаснија дека се уште немаат, бидејќи тоа претставува голем трошок за нив, а неколкумина дека не се задоволни од монтажата на колектори.

Со оглед на тоа дека определен процент на домаќинства не се во можност да си дозволат поставување на сончев колектор,  напредните земји како што се Германија и Јапонија се повеќе се стремат кон намалување на цените и создавање на иновативни производи. Некои од тие производи се следниве: прозорци кои произведуваат соларна енергија, системи со параболични огледала, батерии за складирање на енергијата и други.

Светот се стреми кон многу повисоки цели. Според добиените статистички податици се согледува и можно решение за борба со глобалното затополување, но и за намалувањето на испуштање на штетните гасови.

Од сето ова добивме заклучок дека благодарение на сонцето и човековите изуми во иднина ќе имаме поголема заштеда на пари, поздрава животна средина а со самото тоа и подолг живот.

Пишуваат: Сара Димитриевска и Анастасија Спировска во рамките на проектот „Млади репортери за животната средина“

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)