Со стипендија до студии во Русија

Амбасадата на Руската Федерација и оваа година распишува конкурс за прием на државjани на Република Македониjа за студии во високообразовни институции на Руската Федерациjа во академската 2017/2018 година, кој е отворен до 26 февруари 2017.

Како што истакна наставникот по руски јазик, Билјана Коцевска, познавањето на рускиот јазик не е задолжителен услов за аплицирање.

Има таму една година подготвителна каде што ќе го научат рускиот јазик. Сите ученици кои го изучуваат рускиот јазик имаат предност при запишување. До сега не се случило некој ученик што го изучувал рускиот јазик да не се запише на факултет во Русија. Руската диплома е ценета насекаде во светот и најважно е што тие се стекнуваат со високо и стручно образование.

До сега дваесетина кумановци минале низ образовниот систем на Русија со помош на овие стипендии, а Драгана Јордановска и Марија Арсовска се прогласени и за најдобри странски студенти.

Дваесет и едногодишната Драгана Јордановска е втора година на архитектурно – градежниот факултет во Санкт Петербург, која по неколкуте први места од државните натпревари по руски јазик во Македонија своето образование го продолжи како стипендист на руската федерација.

Јас сум презадоволна што студирам во Русија бидејќи е на едно многу повисоко ниво за разлика од македонскиот. Таму ги уживам истите права што ги уживаат и руските студенти. Имаме бесплатни учебници, образованието ни го покрива руската федерација, секојдневно ни организираат екскурзии во зависност од барањата на студентите – изјави Јордановска.

Нена Ангеловска е на магистарски студии во областа на аеро-инжинерство на Универзитетот за аеро-космички инструменти во Санкт Петербург каде претходно има и дипломирано.

Ми се допаѓа тоа што во Русија е школски систем на образование, значи морате да одите на часови секојдневно, се гледа посетеноста на часовите. Исто така морате да ги дадете сите испити на време, ако запоставите некој испит имате рок од максимум еден месец или максимум до наредниот семестар да ја исчистите сесијата и професорите се многу повеќе залагаат од нашите и доколку имате некој проблем да се обратите на професорот и слободно може во било кое време да се обратите, да седне со вас и да ви помогне и објасни – изјави Ангеловска.

И двете кумановки својата иднина ја гледаат надвор од Македонија.

Заинтересирани кандидати за руската стипендија треба да поднесат пријава со приложена фотографија во боја, пополнета на руски или англиски јазик. Подетални информации за условите на доделување државни стипендии за студии во високообразовни установи на Руската Федерација се достапни на http://минобрнауки.рф/ или http://rs.gov.ru.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)