Спасовски и Филипче во посета на ГП Табановце

Премиерот на државата, Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче денеска го посетија граничниот премин Табановце, каде што извршија увид во спроведување на превентивните мерки за откривање и спречување на ширењето на коронавирусот. Тие информираа дека препораките целосно се почитуваат, а досега од овој премин од ризичните региони влегле над 300 патници.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска заедно со министерот за здравство Венко Филипче го посетија граничниот премин Табановце, каде што извршија увид во спроведување на превентивните мерки за откривање и спречување на ширењето на коронавирусот. Спасовски посочи дека на граничниот премин кој важи за еден од најфреквентните во државата, се почитуваат издадените препораки и апели.

-Можам да им одадам признание заради тоа што навистина ги почитуваат сите насоки кои што беа дадени од кризниот штаб за контрола на секој патник кој влегува на територија на државата, при тоа користејќи заштитна опрема и начин како што е пропишано во сите алгоритми. Се обезбедени посебни соби за изолација на сите гранични премини, каде што фреквенцијата е поголема. Беше многу важно да дојдеме овде заедно со министерот да видиме на лице место како функционира тој систем и да побараме од полицијата, царината да останат посветени со цел сите заедно да придонесеме за зачувувањето на јавното здравје. Добро е што навремено бевме подготвени, се преземаат сите мерки и целта беше како да се пресечат патиштата на движењето на вирусот-нагласи тој.

Спасовски дополни дека откако е потврден првиот случај на заразено лице со коронавирусот во земјава, од ризичните зони од Италија, на граничниот премин на  Табановце влегле околу 250 патници со автобус, а околу 70 со сопствени возила.  

-Сите биле подложни на контрола, извршени се консултации со епидемиолози кои што 24 часа се достапни за граничните премини, немало случај кој е изолиран. Сакам да се заблагодарам на сите институции, организации кои што ја почитуваат препораката на Владата за неорганизирање на поголеми собири и со тоа се намалува и ризикот од пренесување на вирусот исто така и на оние граѓани кои што ги почитуваат препораките и да упатам апел до оние граѓани кои што не ги почитуваат, и кои сметаат дека тие најдобро знаат како треба да се справуваат. Да ги почитуваат препораките кои што ги даваат епидемиолозите и центрите за јавно здравје, кои што ги дава кризниот штаб. Заради тоа што така сите заедно низ еден систем кој што функционира ќе можеме  максимално добро да бидеме заштитени-дополни тој.

Во однос на зголемување на цените на заштитни маски и средства за дезинфекција, Спасовски најави дека Владата најостро ќе реагира, затоа што во рамки на криза не може никој да профитира.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека на премините целосно се почитува алгоритамот, се прашуваат патниците од каде доаѓаат, доколку се од ризичните региони, се прави дополнително интервју, дали бил во контакт со заболени лица, дали евентуално патникот има симптоми, доколку има се трга настрана во посебна изолирана соба, каде што се наоѓаат епидемиолози од Центарот за јавно здравје.

-Сметам дека ова е одлична координација продолжуваме и со мали едукативни часови, кои ќе се одвиваат овде во зградата на полиција, од страна на доктори од Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје во Скопје со цел да се надградат знаењата на полицајците, царинарниците во оваа сфера. Пациентката на клиниката за инфективни болести се чувствува добро, веќе 3-4 ден е без температура, сметам дека полека влегува во една постабилна фаза од болеста, нема нови пациенти кои во овој момент се тестираат за корона вирусот, новина е што во текот на вчерашниот ден стигнаа контролните резултати од лабораторијата во Германија со која соработуваме, кои ги потврдија сите наши тестови, сите негативни и позитивниот што е обврска како супервизија на работата на нашата лабораторија во рамки на институтот за јавно здравје потврда за точноста-наведе Филипче.

Тој дополни дека е во тек набавка на дополнителната опрема, откако бил потпишан договор за дезинфекциските средства, кои веќе од утре ќе бидат дистрибуирани со помош на локалните самоуправи, низ основните училишта.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)