Спасовски: Нема акција, непотребно се создава паника

При денешната посета на полициската станица во липковско Матејче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека нема никаква акција, ниту претреси или приведување, туку само зголемено присуство на полициски сили во кумановско-скопскиот регион.

-Имаме зголемено присуство на терен зашто во овој период ќе имаме предизвици и тука и во регионот поради бегалската криза. Затоа е зголемено присуството овде. Не би сакал да се создава фама и страв кај населениот зашто нема потреба за таква работа, имаме соработка со населението во овој регион и сите треба да бидат спокојни зашто МВР ги презема сите мерки што се потребни, рече Спасовски.

Тој нагласи дека кумановско-скопскиот регион треба да биде под поголем надзор, зашто е северен дел од границата, и тука често има илегални преминувања.

-Безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија ги оправдуваат сите средства кои ќе се применат. На секој чекор има полициски патроли, тоа е работа на полицијата и не треба никого да го загрижува работењето на полицијата, бидејќи тоа е една нормална појава, додека сметаме дека треба да има зголемено присуство тоа ќе го направиме. Вие знате дека нивото на безбедноста е подигнато веднаш после нападите во Париз и тоа трае до ден денеска. Мислам дека многу е подобро да делуваме превентивно од сите можни аспекти-нагласи министерот за внатрешни работи.

Спасовски негираше дека полициското засилување е поради влез на вооружена група од Косово. Посочи дека контролите се поради бегалската криза и можното нарушување на состојбата со обидите за илегално преминување и криумчарење на мигранти.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)