Спасовски нов министер за внатрешни работи

По одлука на четирите најголеми политички партии, нов министер за внатрешни работи ќе биде нашиот сограѓанин, генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски. Функцијата министер ќе ја извршува до предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 24-ти април. Спасовски ќе има можност да разрешува и распоредува раководни лица, но на секој нивен назначен функционер, заменикот мора да биде од ВМРО-ДПМНЕ.  

Граѓаните со задоволство ја прифатија оваа одлука, бидејќи Спасовски е првиот кумановец кој е назначен на функцијата министер. Велат дека се работи за личност којашто има подолго искуство и која ќе работи во интерес на државата.

-Треба и од Куманово некој да има барем, треба некој во Влада, бидејќи од други градови како Струмица, Штип, Прилеп има-вели еден кумановец.

-Нека биде успешен министер, да работи во интерес за народот-додава друг граѓанин.

Од општинската организација на СДСМ на Куманово истакнаа дека како партија се задоволни од постигнатиот договор. Тие се надеваат дека по изборот на специјалната јавна обвинителка и поставувањето на министри и заменици министри во следниот период ќе следи целосна имплементација на договореното од Пржино.

Иако Спасовски неодамна беше гостин во третата емисија Став на ТВ Плус, не сакаше да открие дека е еден од кандидатите за министри. Нагласи дека се работи за шпекулации кои се шират во медиумите.

-Тоа не е нешто што се држи во тајност, причините се неиспочитување на законот за јавно обвинителство и не затворени прашања кои ги има во однос на законите. Најважно од се е да имаме луѓе кои се стручни и компетенти за областа за која ќе ја предводат или ќе бидат вклучени-наведе тој при гостувањето во емисијата „Став“ на ТВ Плус.

Инаку покрај Спасовски нов министер за труд и социјална политика ќе биде Фросина Ременска, а од заменичките места, Кире Наумов ќе оди во финасии,  Љупче Николовски во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Александар Кирацовски во министерството за информатичко општество и администрација. На синоќешната средба на лидерите на најголемите партии е постигнат договор и за избирачкиот законик, како и за законот за бомбите, со кои се пропишуваат казни за медиумите кои што ќе објават материјали со кои се загрозува приватноста на луѓето, но не и за материјали кои се однесуваат на оние кои извршуваат јавни функции.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)