Спомен – куќата на Карпош доделена на Музеј Куманово

Спомен – куќата на народниот херој, Христијан Тодоровски – Карпош, во Куманово е доделена на користење на Н.У. Музеј Куманово. Оваа одлука беше изгласана на 40-та сединца на Советот на Општина Куманово. Директорката на Музејот, Анита Цветановска, истакна дека веќе е подготвен проект со елаборат, преку кој се надева дека ќе се привлече поголем број на посетители. Проектот е влезен во програмата за 2016-та година на Министерството за култура на Република Македонија.

– Ќе биде презентирана внатре нова поставка и ќе приспособиме за натамошна презентација. Би требало да биде доброприфатен проектот. Така што стасавме на ред, на општо задоволство, пред се, на кумановци, ќе имаме нешто конзервирано, реставрирано и обновено. Значењето е огромно, бидејќи, се надевам, ќе имаме голем број на посетители, бидејќи ќе понудиме нешто ново, ќе работиме по најновите стандарди, ќе има нова поставка со што ќе има голема посетеност што е од големо значење за музејот, изјави таа.

Освен посетители од градот, Цветановска, се надева дека реновинарата спомен – куќа ќе привлече посетители од другите градови на Македонија, но и туристи од другите држави коишто се запознаени со ликот и делото на народниот херој. Инаку Христијан Тодоровски – Карпош е роден во Куманово на трети септември 1921 година и бил партизан во народно-ослободителната војна. За народен херој е прогласен на дваесет и деветти јули 1945 година. Бил убиен од бугарскиот окупатор на седми февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.

Коментари

коментар(и)