(ВИДЕО) Спортската сала со реконструиран покрив до крајот на летото

До крајот на септември годинава ќе заврши реконструкцијата на кровната конструкција на спортската сала, согласно договорот склучен со фирмата изведувач, информираа денеска надлежните од Центарот за развој на североисточниот плански регион. Средствата за санацијата се обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој, а партнер проект на СИПР е општина Куманово.

– За овој проект потпишан е договор за градба, кој се спроведува од програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој од 2020-та година. Средствата се обезбедени, по спроведената тендерска постапка потпишан е договор за реконструкција на кров на спортската сала, во износ од 23 милиони 430 илјади денари со вклучен ДДВ, а општина Куманово која е партнер во проектот учествува со 830.000 денари-изјави Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион

Со реконструкцијата на покривот изграден во осумдесетите години од минатиот век, ќе се безбедат услови и за понатамошни зафати и санација на објектот, смета Протиќ. Но, освен кровната конструкција, спортската сала и внатрешно ќе се реновира. Неодамна, градоначалникот Максим Димитриевски и директорот на Бирото за регионален развој-Министерство за локална самоуправа, Рамиз Реџепи потпишаа договор за внатрешно уредување на спортската сала, согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој за 2021 и 2022.

-Општина Куманово успеа да потпише договор пред околу две недели со Бирото за регионален развој за внатрешно уредување каде што ќе биде интервенирано во салата, ќе се смени комплетно целиот паркет, ќе се набават двата главни коша, мислам дека ќе се обезбеди и нов семафор, тука се предвидени и спортска опрема, голови за ракомет, топки, и салата каде што сега тренираат боксерите ќе се опреми со фитнес справи, со справи за трчање, за вежбање на разни типови мускули, изјави Протиќ.

Од Центарот за развој на североисточниот плански регион посочуваат дека веќе аплицирале и со проект за уредување на трибините, но дали ќе биде одобрен ќе зависи од одредени интервенции во законот за рамномерен регионален развој.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)