Средба на директори на полиција од Македонија и Србија

Директорот на бирото за јавна безбедност во Рeпублика Македонија, Митко Чавков и директорот на српската полиција, Милорад Вељовиќ, денеска на работна средба направија преглед на досегашната соработка на полето на безбедноста помеѓу двете држави.

Како што вели директорот на бирото за јавна безбедност, досега се постигнати солидни резултати, но сепак постојат можности за подобрување на соработката со цел спречување на транснационалниот организиран криминал.

– Заеднички се согласивме дека императив за успешна борба против транснационалниот организиран криминал е тесната и континуирана меѓусебна соработка, така да, констатиравме дека имаме постигнато добри и солидни резултати и се согласивме околу идната соработка. Договоривме мерки и активности понатаму на стратешко и оперативно ниво да ја продлабочиме соработката и истата да добие на квалитет- изјави тој.

Директорот на српската полиција, Милорад Вељовиќ истакна дека денеска, најголемо внимание е посветено на проблемот на илегална миграција и дека таквиот проблем може да се реши единствено со заедничка соработка.

– Главна тема на нашиот денешен разговор е илегалната миграција и заедно заклучивме дека тоа не е само проблем на полицијата на Србија и РМ, тоа е многу поширок проблем и таков заеднички проблем, најдобро можеме да го решиме заеднички. Она што се договоривме е да границата помеѓу Србија и РМ ја покриеме целата, односно да го зголемиме бројот на патролните возила и бројот на оперативните тимови- рече тој.

Како што додава Вељовиќ, спречувањето на транснационалниот организиран криминал ќе се постигне со зголемување на бројот на патролни возила и оперативни тимови по должината на границата помеѓу двете држави.

Коментари

коментар(и)