Средношколците можат да ја изгубат учебната година?

Поради недоволен број на реализирани часови, Државниот просветен инспекторат им предочил на средношколците дека постои можност да ја изгубат учебната година. Поради ова, Средношколскиот пленум одлучи да започне со поблага форма на бојкот на настава, која предвидува учениците да присуствуваат на настава со скратени часови, но одбиваат да слушаат предавања. Како што велат од пленумот, ваквата форма на бојкотот е со цел да се евидентира доволен број на часови за да матурантите не изгубат право на полагање на државна матура.

– Денеска покрај новата форма на бојкот на настава, собираме петиција за подршка на средношколци. Имаме поставено штандови пред „Гоце Делчев“, пред економското училиште и кај фонтаната на Батко Ѓорѓија на градскиот плоштад, изјави Никола Крстевски, член на Средношколски пленум од Куманово.

Покрај четиридневниот бојкот на настава, за утре средношколците најавуваат протест на плоштадот во Куманово, а оттаму ќе се упатат кон подрачното одделение на Министерството за образование. Со протестот сакаат уште еднаш да го искажат својот револт од игорантскиот однос на Министерот за образование.

– За утре најавуваме голем протестен марш во Куманово, организиран од страна на средношколскиот и наставничкиот пленум и во оваа прилика ги повикуваме сите граѓани кои не подржуваат да дојдат со нас, да добиеме на масовност и нашиот глас конечно ќе се чуе. Оваа борба долго трае, ние не се откажуваме и кога – тогаш аргументите ќе победат, додаде Крстевски.

Протестниот марш ќе започне утре во 12 часот на градскиот плоштад. Од наставничкиот пленум велат дека ги подржуваат средношколците, но ќе одлучат дали ќе им се придружат на утрешниот протест.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)