Средношколците учеа како да препознаат лажни вести

Средношколците од Гоце Делчев, Перо Наков и Наце Буѓони,  имаа можност да се едуцираат како да препознаат лажни вести, но и да разберат како тие влијаат врз менталното здравје на младите. Тие научија како во напливот на информации да препознаат автентични вести, со оглед на големиот број вести кои се шират на социјалните мрежи. Обуката е дел од активностите кои се спроведуваат во рамки на проектот „За подобро ментално здравје на младите“ кој го реализира здружението „Доверба“ , во рамки на на проектот на  МИМ, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон „Писменост за вести и дигитална писменост-Справување со лажни вести“ со финансиска поддршка на ЕУ.

-Новинарството доби една широка платформа во социјалните мрежи, интернетот во мноштвото портали и доманацијата на интернетот е предолема веќе и надвиснува над класичните медиуми, но тоа е и можност да се пласираат и многу лажни вести. Мотивите за лажните вести можат да бидат различни од бизнис, политички интереси и битно е за популацијата да ги препознае ваквите вести, што е и светски тренд. Факт е бидејќи сега секој со овие алатки што ги нарекуваме мобилни телефони може да биде новинар, да пласира што било во јавноста, социјалните мрежи се многу добра поддршка за тоа, да пласира многу добри и квалитетни и вистинити вести, но истовремено и многу лажни вести -изјави Зоран Иванов, предавач и експерт за односи со јавност.

Претседателка на здружението „Доверба“, Дивна Јанкова информираше дека проектот има за цел да ги поттикне граѓаните да го актуелизираат овој проблем во пошироката јавност, да ги алармираат институциите, родителите, наставниците да преземат мерки и да се справат со проблемите кои можат да настанат кај младите од невистинити вести.

-За подобро ментално здравје на младите е проект кој е замислен да им помогне на младите со подигање на свеста за важноста за медиумска писменост и директно влијание на менталното здравје на младите. Ние сме сведоци колку се повеќе се шират лажни вести, посебно на социјалните мрежи и медиумите и многу млади се осакатени затоа што не знаат да направат селекција што е измислена вест без факти а што е она што сака да им наштети а што е вистинска вест. Овде се вклучени ученици од прва, втора и трета година од три средни училишта, Перо Наков, Гоце Делчев и Наце Буѓони. Она што веруваме дека ќе го постигнеме да се намалат негативните моменти што се јавуваат на социјалните мрежи и секако да се  ублажат последиците, да се подигне свеста и на инсистуциите за потребата за соработка на оваа проблематика, ние освен со овие училишта ќе соработуваме и со други институции-истакна таа.

Средношколците изразија задоволство што можат да учествуваат во вакви работилници, кои се значајни за нив.

– Се запознаваме со самото новинарство, со препознавање на лажни вести, како медиумите влијаат на нашето здравје посебно менталното здравје, кое е од особена важност и тоа е нешто есенцијално кое за жал се занемарува во нашето секојдневие затоа што не сме доволно информирани. Вакви работилници се потребни за младите луѓе за да можеме ние на некој начин да учествуваме во се она што учествува една возрасна личност а младите луѓе во Македонија, да придонесеме за нашето општество-истакна Анастасија Младеновска ученик гимназија Гоце Делчев.

Проектот се очекува да заврши во мај, идната година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)