Средношколци го изразија својот став во Собранието

25 ученици од средното стручно училиште „Перо Наков“  изминатиот период беа вклучени во едукативната активност „Имам став!“ која претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието. Активностите поврзани со „Имам став!“ започнуваат во училиштата, каде под водство на наставниците-ментори се одржуваат состаноци, на кои учениците, поделени на три комисии, дискутираат за одреден проблем и за истиот треба да понудат решение. „Едукативната активност заврши во Собранието, каде се одржа симулација на пленарна седница, при што учениците расправаа и одлучуваа  во однос на понудените решенија за секоја од избраните теми“,  посочуваат менторите.

– Целта на едукативната активност е да се доближи работата на Собранието и процесот на подготовката на постапката на донесување на закони до младата популација кој што ќе им овозможи и критички да размислуваат и да имаат и свои ставови и придонес кон истражување и решавање на општествените проблеми кои што не опкружуваат во нашето секојдневие, во нашето општество. Едукативната активност е работена по пример и идеја на Швајцарскиот парламентарен институт кој што таму успешно се спроведува, така што оваа година за првпат се реализира и во нашево Собрание. Се спроведува во две фази.  Интересно беше самиот процес, постапката која што се одвиваше за подготовка за самата симулација на пленарна седница каде што како течеше истражувањето и тие наши тркалезни маси и нивните ставови се менуваа. Од едно сосема негирање по однос на одреден проблем дојдоа со сосема друг предлог или друго решение, значи почнаа навистина критички да размислуваат и да доаѓаат до некои свои ставови што е навистина за пофалба, изјави Марина Златковска, професор по правни предмети во средно стручно училиште „Перо Наков “

Учениците од „Перо Наков“  избраа три теми за разгледување: решавање на проблемот со кучињата скитници, намалувањето на аерозагадувањето и старосната граница за добивање на возачка дозвола и ограничувања за возачите почетници.


-Јас бев член, а воедно и известител на комисија која што го разгледуваше прашањето во врска со решавање на проблемот со кучиња скитници. Усвоено решение од наша страна беше задолжителна кастрација и стерилизација на домашни миленици, да се отвори пансион за домашни миленици во сите општини и да им се дава финансиска помош на регистрираните здруженија за животни од страна на општината. Ова решение го поткрепивме со одредени аргументи,  изјави Меланија Димковска, ученик

-Мојата комисија беше за проблемот со загаден воздух. Предлог решението беше да се забрани увоз на стари автомобили постари од 15 години и со тоа да се намали процентот на загаденост иако возилата не се најголемите загадувачи на воздухот. И второто предлог решение беше дека треба да се воведе во сите нивоа на образованието  некој еколошки предмет за подигање на еколошката свест кај младата популација, изјави Николај Павловски, ученик

-Нашето прашање што го разгледувавме беше за старосната граница за добивање на возачка дозвола и ограничувањата за возачите почетници. Донесовме решение старосната граница да биде 17 години со една година возач почетник. Ова решение го донесовме затоа што сметавме дека на овој начин младите уште во помала возраст ќе се вклучат во сообраќајот, ќе се едуцираат за сообраќајот и ќе се намалат сообраќајните незгоди. Донесовме решение да има и налепници возач почетник, која задолжително ќе треба да ја има секој возач почетник. На 17 години да може да се зема возачка, а една година да биде возач почетник , изјави Стефан Зарковски, ученик

„Перо Наков“  е единственото училиште од Куманово кое што беше вклучено во проектот, односно едукативната активност „Имам став“ , заедно со други средни училишта од повеќе општини. Учесниците и професорите ментори добија сертификати за успешно учество и менторирање од Парламентарниот институт.

Коментари

коментар(и)