Средношколци: Правото на бојкот ни е загарантирано со Устав

Средношколскиот пленум, денеска покрај бојкот на наставата, свика и прес конференција, на која ги објасни деталите околу нивните активности пред кумановските новинари. Претставници од пленумот изјавија дека веќе цела недела, наставата ја бојкотираат ученици од  25 училишта во Република Македонија, а денеска е трет ден како активностите на пленумот се спроведуваат во средните училишта во Куманово. За учениците поприфатливо е да се врати стариот концепт за полагање на државна матура и да се стави екстерното тестирање во мирување, затоа што тие тврдат дека со тоа не се покажува реалното знаење на учениците.

-Правото на бојкот ни е загарантирано со Устав, кој е највисок правен акт во државата и никој не смее да ни го оспори. Затоа сите гласно да извикаме: Стоп за лошите реформи! Во Куманово немаме забележано поголеми притисоци како во другите градови. Сепак има забележано помали притисоци за кои не можеме јавно да говориме, меѓутоа имаме поголема поддршка од професорите, изјави Никола Крстевски, член на Средношколскиот Пленум.

Учениците нагласија дека овој пат нема да отстапат од спроведување бојкотот се додека не бидат повикани на разговор од страна на МОН, од кое за сега нема никаков одговор за актуелната ситуација. За тоа дали ќе се одработуваат деновите загубени во бојкотирање на наставата, се уште нема никаква информација. Активностите на пленумот ќе продолжат да се спроведуваат и утре, а барањата остануваат исти.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)