Табановчани: Не крадеме од мигрантите

Мештаните на Табановце ги отфрлаат обвинувањата од невладините организации, дека влегуваат во Транзитниот центар и крадат облека која е наменета за бегалците. Тие тврдат дека досега не се случило да земат од хуманитарната помош, туку само ги собираат неискористените производи кои се расфрлани по нивите и патот. Според нивното кажување мигрантите најчесто ја фрлаат облеката и други хигиенски средства, кои тие можат да ги искористат.

-Ние не крадеме, она што е фрлено на земја ние го земаме, пример ќебе кое го најдов на пат, го зедов, дали сега за него ќе ми поднесат пријава и ќе не обвинат дека сме крадци. Има предмети од храна, облека, обувки, ако нешто е вредно ако наидеме го земаме, за да го користиме, бидејќи сме сиромашни живееме од стока,  директно од човек да сме земале, или да сме нападнале некој, до сега не се случило-истакнаа тие.

Жителите на Табановце нагласуваат дека Транзитниот центар им создава проблеми, бидејќи е поставен во населено место. Велат дека постојано се под стрес зашто се случило бегалци да им влезат во домови и дворови. Додаваат дека постојаната фреквенција на тешки товарни возила делумно го уништила патот, а поставената ограда им предизвикува проблеми со пасиштата. Доколку не најдат решение со надлежните, тие се подготвени револтот да го изразат со повеќечасовна блокада на локалниот пат и оневозможување пристап до транзитниот центар.Но и покрај тврдењата на жителите дека нема кражби во кампот, неофицицијално дознаваме дека постои група која повремено создава проблеми, па затоа и останатите мештани ги ставаат во ист кош.

Координаторот на кампот, Горан Стојановски истакна дека полицијата треба да утврди дали имало кражби или не, но нагласи дека се случува деца да влезат во кампот и да собираат храна од контејнерите. Нагласи дека невладините организации кои се ангажирани на хуманиот третман кон бегалците, одлучуваат дали на децата нешто ќе им дадат или не.

-Не би рекол дека има некои надворешни влијанија со оглед на фактот дека се работи за 6.000 метри квадраден простор, кој е затворен од сите страни, гледате дека имаме и надворешна контрола од полицијата, но и внатрешна. Овој камп максимално се контролира во рамки на можностите, такви влијанија досега можеби се чисто муабетски, не би рекол дека се вистинити-изјави тој.

Тој потенцираше дека кај нив единствено е евидентирана кражба на телефон, и истата е пријавена во СВР Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)