Театар Куманово ќе прикаже што се случува „Зад кулисите“

По кратка пауза, кумановскиот театар започнува со подготовка на нов проект. Станува збор за комедијата „Зад кулисите“, работена според текстот на Мајкл Фрејн, во режија на Биљана Радиновска. За прв пат во театарот во Куманово се поставува текст од авторот Фрејн, а воедно ова е првото режисерско остварување на Радиновска во Куманово.

-Започнавме со мало задоцнување поради конфликтите коишто беа во околината на Куманово, така да со мало задоцнување ќе биде и премиерната изведба која ја очекуваме на почеток на јули, изјави Симона Тоскиќ, продуцент во Театар Куманово.

Актерската екипа е составена од: Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Горан Илиќ, Александра Пешевска, Нина Максимова, Мартин Лазаревски и Кети Дончевска Илиќ, а претставата е во организација на Симона Тоскиќ.

Поради вооружениот конфликт на почетокот на месец мај, нема постојан репертоар на претстави , но од театарот најавуваат збогатување на репертоарот и репризни изведби на претставите „Жена од минатото“, „Грдиот“ како и нова детска претстава.

-Месецов ќе го збогатиме со веќе поставените претстави. Сега активно работиме на овој случај и текстот „Зад кулисите“, додава Тоскиќ.

Театарот Куманово, месецов гостува на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Мајка Храброст“ во режија на Звездана Ангеловска, која премиерно беше изведена минатата сезона.

Премиерата на претставата „Зад кулисите“ се очекува на почетокот на наредниот месец.

Коментари

коментар(и)