Терапевт ќе работи со корисниците на „Зафир Сајто“

Работен терапевт секојдневно од понеделник до петок ќе работи според утврдена програма со корисниците на услугите на домот за стари лица „Зафир Сајто“. Работната просторија целосно е подготвена минатата година, информира директорот на јавната општинска установа, Дејан Стојановски.

-Тоа е нешто на кое што ќе работам и во 2020-та година. Сметам дека само инфраструктурните проекти и зафати не се пресудни за квалитетно сместување во една установа, туку и дека персоналот како таков, идеите, креативноста негова, посветеност, сенсот да работат со една ваква категорија е особено важен за да корисниците, кога ќе се прошетаме низ домот , кога ќе комуницираме со нив да кажат, да , еве тоа е тоа што треба, задоволни сме.   Персоналот е тој кој што му дава душа и во 2020-та година ќе посветиме особено внимание и вложување на некој начин во некои такви активности и вложување во човечки ресурси, изјави Дејан Стојановски, директор на ЈОУ Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово  

Реновирање на делови од установата, отворање на нов влез од задната страна на домот и уште еден паркинг простор се дел од инфраструктурните проекти што се планира да се реализираат годинава, посочува Стојановски.

– Едно од поважните за кое што веќе имавме состаноци со колегите, се определивме делови од домот, затоа што не сме во можност целосно тоа да го направиме бидејќи за такво нешто се потребни и повеќе средства и време, се фокусиравме на некои реони кои што се надевам дека ќе успеееме да ги реновираме, дали делумно, дали во целост она што е потребно. Исто така, во надворешниот дел, дворот, планираме да направиме уште еден паркинг и ќе отвориме уште еден влез од задната страна на домот за да можеме да направиме поголема функционалност, поголем проток на луѓето, затоа што сега паркингот што го имаме е мал и во поголем дел го користат вработените во домот, меѓутоа за вработените ќе направиме од задната страна, а постоечкиот од предната страна ќе го користат само посетителите. Со персоналот ќе продолжи да се работи, ќе одиме на семинари, на размена на искуства се со цел условите во домот да бидат подобри, изјави Стојановски.

Што се однесува до 2019-тата , надлежните во домот за стари лица ја оценуваат како успешна година со стопроцентна реализација на предвидените активности и инфраструктурни проекти како резултат на што подобрени се условите  за престој во установата. Надграден и подобрен е капацитетот на системот за соларно затоплување на вода и наместо 500 литри, сега има околу два ипол тони вода за користење, а во текот на летниот период и поголемиот дел од дрвената столарија е заменета со ПВЦ столарија со што е зголемена енергетската ефикасност на домот, вели Стојановски.

-Големиот двор успеавме комплетно да го реновираме со нова урбана опрема, дрвена конструкција. Јас искрено се надевам дека оваа дворна површина како таква ќе ја користат не само старите лица, туку и граѓаните на Општина Куманово. Во оваа прилика ги повикувам кога е сезона, во пролет, лето, есен, слободно да доаѓаат затоа што дворот е голем, има место за сите, и на тој начин ние ќе добиеме поголем број контакти со локалната средина, социјална интеракција со нашите корисници и би ги поканил и основните и средните училишта да доаѓаат слободно, да го посетуваат домот, да одржуваат факултативна настава која што нам многу ќе ни значи, изјави Стојановски.

Во текот на минатата година остварени се и контакти со приватни и државни домови од нашата држава, а вработените во Домот за стари лица имале можност да го посетат и Геронтолошкиот завод во Нови Сад, да разменат искуства и да видат на каков начин нивни колеги од една слична институција се справуваат со секојдневните предизвици.  

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)