Тестирањата за коронавирусот на товар на државата, бараат советниците

Сите тестови поврзани со индикации според протоколот или алгоритамот за заболени од Ковид-19 без оглед дали се направени во државни или приватни клиники, да бидат на товарот на Фондот за здравствено осигурување, е предлог -заклучокот на Советот на Општина Куманово кој по денешната расправа на седницата, ќе биде доставен до надлежните органи на централно ниво.

Инаку, епидемилогот д-р Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово, денеска одговарајќи на прашањата на советниците за актуелната состојба со коронавирусот во градот, рече дека позитивните пациенти ги кријат своите контакти во епидемиолошката анкета, а дневно се прават до 25 тестирања на ковид-19. За одбележување е, вели Стаменовска, дека во последните два месеца има навистина помал број на откривање контакти од страна на позитивните лица.

„Свесно избегнуваат изолација, а знаеме дека сите контакти на позитивното лице 14 дена треба да бидат во домашна изолација бидејќи тоа е тој период доволен лицето да биде во самоизолација и да не се шири инфекцијата“ потенцира епидемилогот Стаменковска.

Дел од советниците прашаа и зошто резултатот од ковид тестирањето пристигнува дури по неколку дена, на што беше одговорено дека во последно време најдоцна за два дена се знае дали тестираниот граѓанин е заболен од ковид -19.

Градоначалникот Максим Димитриевски на седницата упати признание за пожртвуваноста на епидемиолошката служба за справување со состојбата во градот со оглед на тоа што Куманово се справува во вонредна состојба со двајца епидемиолози и како што рече со скромен тим од Центарот за јавно здравје, кој не ги опслужува само граѓаните на Куманово, туку и жителите на околните помали општини.

И градоначалникот Димитриевски, како и дел од советниците, смета дека тестовите во приватните клиники се прескапи и доколку се разговара за масовно тестирање треба да се изнајде начин тоа тестирање да биде на сметка на државата, а не на граѓаните.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)