Во Агенцијата за вработување во Куманово се појавува недостаток на кадри од техничката струка. До кумановскиот Центар за вработување има пристигнато 10 барања за прием на градежни инженери, 7 барања за прием на шумарски инженери, 3 барања за ИТ вештини и 5 барања за електо инженери. Од друга страна пак, во агенцијата се јавува суфицит на кадри од општествените науки, меѓу кои најбројни се правниците и економистите. Фирмите кои бараат работници се претежно од градежната, шумарската и металопреработувачката индустрија. Проблемот со дефицит на одредени кадри, Центарот за вработување во Куманово го решава со барање на работници од центрите во Пробиштип, Кратово, Штип, Крива Паланка и Скопје.
-Куманово е град на градежни работници и имаме голема бројка на работници кои доаѓаат секојдневно во центарот. Со проектите на Владата за патот кон Ранковци и патот Штип-Скопје се очекува експанзија во втората полковина на 2015 година и се надеваме на ангажирање на поголама бројка на кадри, вели Милорад Тренчевски, директор на Центарот за вработување.
Во тек е преквалификација за сметководители на 12 матуранти од Гимназијата „Гоце Делчев“ и техничкото училиште „Наце Буѓони“ во соработка со приватниот факултет „Еуроколеџ“. Минатат година во техничкото училиште беа преквалификувани 30 кандидати за аргон заварувачи, монтери на градежни објекти и електо монтери на индустриски објекти. Во економското училиште пак, беше извршена преквалификација на 10 лица за составувачи на обувки.
-Во текот на 2015 година ќе бидат опфатени околу 50 за преквалификација на дефицитарни кадри. Техничкото училиште ќе биде ангажирано со преквалификација на фризери, педикири и маникири со оглед дека се опремени со кабинет од донација на германската амбасада, вели Тренчевски.
Од агенцијата за вработување апелираат учениците пред да го продолжат средното и факултетското образование добро да го истражат пазарот на трудот. Тие препорачуваат образованието да се насочи кон промоција на занаетчиството, машинските и техничките струки.