Транзитниот центар на Табановце е празен

Бегалците во транзитниот центар на Табановце ја добиваат сета неопходна помош од  домашните и меѓународните хуманитарни организации и Црвениот крст. Освен храна, облека, ќебиња, медицински третман,  бегалците ќе добијат и затоплување во монтажните објекти и во новопоставениот шатор, а ќе има уште два деновиве. Секој од нив е наменет за околу 200 луѓе.  По пристигнувањето на само еден воз утрово , на Табановце е мирно. Од вкупно 300 економски мигранти кои неколку дена се задржаа во прифатниот пункт  откако Србија реши да го ограничи нивниот влез,  останале само тројца, еден од Хаити и двајца од Нигерија кои не зборуваат англиски. Останатите или со воз или со такси превоз  се вратени во Гевгелија, велат надлежните.

-Ние секој ден пружаме по 500 чорби, хигиенски пакети и пакувања за деца. Доволно е , бидејќи има и други организации кои помагаат тука и. Засега има и залиха како што можете да забележите, на Табановце има пристојни услови за мигрантите,  изјави Суад Бериша од НО „ Мерхамет“- Скопје

– На бегалците и мигрантите им се дава чај, облека  и овошје, им се дава чај за да се стоплат бидејќи се уште нема греење овде, но се работи на подобрување на условите во кампот , ќе добијат и греење наскоро бидејќи времето заладува, а бегалците секогаш соодветно се згрижуваат изјави Картин Браун,  волонтер од Ирска

Мигрантите преку упатства испечатени на арапски, фарски, англиски и на пакистанскиот официјален јазик урду  на Табановце добиваат и дополнителни информации како да го продолжат патот понатаму. Следниот воз со бегалци  според надлежните се очекува во попладневните часови. Инаку, според црвениот крст, во текот на вчерашниот ден поделени се  околу 1500 литри вода, 38 пакети со храна, 37 со хигиенски средства, 137 ќебиња, педесетина кабаници  и други видови помош на бегалците.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)