Трета победа на КК Куманово во домашното првенство

Кошаркарите на Куманово впишаа нова, трета по ред победа во домашното кошаркарско првенство, откако викендов на домашен терен пред празни трибини ја совладаа екипата на Пелистер со резултат 82:67.

Во првите минути од средбата резултатот беше скоро изедначен, но не требаше многу време, избраниците на Србиновски, пред се репрезентативците Јанески и Костоски да реализираат тројки и набргу на својот тим да му донесат предност од осум поени разлика, односно резултат 19:7, за да по триесетина секунди кумановци го добијат и првото двоцифрено водство со резултат 20:10.

Рутинската игра на сино-белите продолжи и во вторите 10 минути од натпреварот кога остварија водство од 20 поени, за да првиот дел од средбата заврши со резултат 53:32.

Второто полувреме започна со голема желба на Пелистер за намлување на водството на домаќинот, но слабата концентрација и грешките, искусните играчи на Куманово ги искористија паметно па резултатот остана во нивна корист до крајот на натпреварот.

Последните 5 минути од средбата за Куманово играше и младинскиот состав на клубот, кога тренерот Србиновски одлучи да им даде шанса на Георгиевски, Стојановски, Јовановски и Тодоровиќ.

Во составот на сино-белите петмина кошаркари запишаа двоцифрен број на поени, Мијатовиќ реализираше 16 поени, Јанески 14, Караколев и Миладин Пековиќ по 12, а брилираше и Радослав Пековиќ со 11 поени и осум скокови.

Со оглед на тоа дека имавме тешка утакмица во Приштина, со ова утакмица малку се вративме во нормала, игравме против екипата на Пелистер, ги добивме заслужено. Имаме еден ден одмор и се надевам дека во вторник против Башкими ќе оствариме победа – изјави Никола Караколев, кошаркар на Куманово.

Во гостинскиот состав најдобри беа Голубовиќ со 13 и Фил со 10 реализирани поени.

Навивачката група Кумани и покрај забраната за публика успеја да развее транспарент на трибините со натпис „За кого се игра кошарката во Македонија“, прашање најверојатно упатено до Македонската кошаркарска федерација, која на крајот на минатата сезона го казни КК Куманово првите две средби во новата сезона на домашен терен да бидат пред празни трибини.

Следниот натпревар КК Куманово во рамките на домашниот шампионат го игра на 10ти во гости кај Фени Индустри, додека во БИБЛ лигата утре со почеток во 17 часот го пречекува КК Башкими од Косово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)