Триесетина убоди од крлеж на инфективно

Околу триесетина кумановци побарале помош на инфективното одделение поради убод од крлеж. Пациентите се регистрирани последниве два месеци, а најголем број од нив се населени во рурални подрачја. Од инфектологија информираат дека сеуште нема пријавено каснување од змија, додека претходната година биле хоспитализирани два пациенти каснати од  змии отровници. Одделението од неодамна е снабдено  со доволна количина на серуми од животинско потекло и е подготвено да им излезе во пресрет на пациентите каснати од змија.

– Секоја година сме имале каснување од змии додека оваа година сеуште нема, најверојатно поради нестабилното време и луѓето помалку излегуваат на работа во полиња или одат на излети. Препорачливо е сите кои работат на полиња или излетниците на крајот на денот  да направат контрола и да видат дали имаат зафатено крлеж на  телото, објаснува Азис Бајрами, инфектолог.

Доктор Бајрами објаснува дека во мај и јуни змиите се  поотровни бидејќи имаат поголема количина на отров во забите. При каснување од змија местото треба да се преврзе но да не се стега премногу, а пациентот  што поскоро да се јави во соодветна институција.Тој додава дека крлежот се отстранува со хирушка интервенција, а убодот се контролира еден месец.

– Местото кај што бил убодот ако се јави црвенило што се шири, треска или покачена температура пациентот мора да се јави кај нас. Можно е крлежот да биде заразен со бактерија и да предизвика тешко заболување, вели Бајрами.

Од инфективното одделение посочуваат при прошетка во природа или работа на нива да се носат исклучиво долги, а не кратки панталони за да се избегне убод од крлежи. За да не дојде до каснување од змија, пак тие апелираат да се носат соодветни обувки.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)