Три дена не работат семафорите во Куманово

Семафорите во  централното градско подрачје со денови не се во функција. Имено, светлосната сигнализација на две од најфреквентните улици, „Народна револуција“ и „Трета Македонска Ударна Бригада“, веќе три дена не го регулира сообраќајот. Тоа претставува проблем за возачите кои не можат да се приклучат од споредна на главна улица, а воедно ја загрозува и безбедноста на пешаците. Од денеска, официјално започна и учебната година, а граѓаните се прашуваат дали треба да се случи некоја несреќа за да надлежните обрнат внимание на семафорите кои подолго време не работат.

-Лудо возат, со телефон и летаат, кај го има тоа? Особено тие правила. Треба да се помине само на пешачки, а оние што возат со телефони, тоа ја надминува границата. Децата одат на училиште, па нека мислат родителите што ги пуштаат сами, вели анкетирана граѓанка.

– Катастрофа, навистина е страшно. Се плашам за безбедноста бидејќи имам мали деца кои ги пуштам на училиште, не би сакал да продолжи така, додава друг граѓанин.

– Штета е што не работат, некој треба да превземе одговорност за тоа. Зошто да не работат? Се загрозува безбедноста на луѓето. Еве и на децата, сега започна школската година, изјави еден граѓанин.

Дел од граѓаните пак тврдат дека сообраќајните правила не  се почитуваат без разлика дали семафорите работат или не, а метежот кој се создава од нивното нефункционирање, во летните периоди ги фрустрира возачите, па тие гледаат што побрзо да стигнат до саканата дестинација, а при тоа не внимаваат на другите учесници во сообраќајот.

– Чекаме да се приклучиме, не можеме. По 20 автомобили на семафорот стојат, ниту следат кој има предност, ниту ништо. Не може, треба да се работат семафорите, густ е сообраќајот, голем град е, вели анкетиран граѓанин.

– Гледаме како ќе поминеме, ако е црвено стоиме, ако е зелено одиме, ако нема ништо, гледаме да се снајдеме некако. Јас лично внимавам, ама пречи многу, многу ни пречи, додава друг граѓанин.

– Не ги почитуваат правилата. Кога возат, треба да се придржуваат до една линија, тие си возат на средина, не сигнализираат со трепкачите. Не знам кај ќе оди, а јас чекам и нема правила, смета еден граѓанин.

Освен тоа што семафорите не работат, граѓаните се жалат дека дополнителен проблем претставува нивното неоддржување, па поради насобраниот прав, во пладневните часови не се гледа кое светло на семафорот работи, а несовесни граѓани лепат рекламни материјали и пропагандни постери на самите светла. Во изминативе три месеци нефункционирањето на семафорите стана секојдневие за граѓаните на Куманово, па во обид да дознаеме кои се причините за оваа појава,  одговорот го побаравме во општинскиот Сектор за урбанизам. Оттаму информираа дека овој пат не станува збор за дефект во инсталацијата. Според помошник-раководител, Момчило Јовановски, некој ги украл осигурувачите преку кои семафорите се напојуваат со електрична енергија, при што настанал голем проблем во сообраќајот. Тој додава дека во најскоро време, проблемот ќе биде решен.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)