Турнир во пинг понг за спортистите со телесен инвалидитет

Во спортската сала на гимназијата „Гоце Делчев“ викендов се одржа пријателски меѓународен натпрвар во пинг понг помеѓу спортистите со телесен инвалидитет од Македонија и Србија. Настанот кој е по повод одбележување на јубилејот „500 години Куманово“, а во рамките на титулата „Куманово – Европски град на спортот за 2019 година“, го организираше Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите – Куманово со финансиска поддршка од Општински сојуз на спортови Куманово.

Натпреварот го отвори градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски кој истакна дека општината се гордее со резултатите што ги постигнуваат македонските спортисти – параолимпијци.

-Многу е важно спортистите со инвалидност да вежбаат и да тренираат, пред се заради добро здравје, а оние најдобрите на спортско поле да ги измерат силите во борбата за освојување на медали. Ние ќе се потрудиме во иднина турнирот да го подигнеме на ниво на традиционален со учество на спортисти од поголем број на држави, пред се од регионот но и пошироко, рече кумановскиот градоначалник.

Главен судија на натпреварот беше Мики Трендафиловски, а на натпреварот настапија 10 пингпонгари од нашата држава, меѓу кои Страшко Коцевски и Небојша Ташиќ од Куманово, како и 7 спортисти од Србија.

Медалите и дипломите на најуспешните спортисти по одделни категории им ги врачи генералниот секретар на параолимпискиот комитет, Драган Дојчиноски.

Коментари

коментар(и)