Уапсени девет лица во акцијата „Ќелија“

Девет лица се уапсени, а по 27 Министерството за внатрешни работи се уште трага, по денешната антитерористичка акција насловена Ќелија, против осомничени структури на исламска држава во Македонија.

Осомничените се товарат за организирање и врбување на поединици да заминат во паравоените формации надвор од државата. Уапсените се македонски државјани и од различна националност.

Собирањето на доказите започнало во септември минатата година и траело до јули годинава, по наредба на јавното обвинителство. Утринава е извршен претрес во 28 објекти, од кои 21 во Скопје, четири во Гостивар и по еден во Тетово, Струга и Куманово.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков на денешната прес-коференција истакна дека меѓу уапсените е и еден имам од Скопје кој се смета за идеолог за регрутирање и организирање на мрежата, Инаку тој додаде дека за случувањето претходно е известена и Исламската верска заедница во Македонија.

Според него 20-ина од осомничените се уште се наоѓаат на боиштата во Сирија. Во акцијата која се одвивала околу 3 часот наутро одземени се десетици десктоп компјутери, лаптопи, мобилни, сим картички, потврди за трансфер на пари, како и еден пиштол.

Осомничените се на возраст од 19 до 45 години, а МВР има докази дека дел од нив претходно биле учесници во боиштата.  Одземените предмети ќе бидат предадени на Одделот за крим-техника за нивна натамошна обработка и вештачење, заради пронаоѓање дополнителни докази поврзани со стореното кривично дело.

По завршување на вештачењето, ќе биде поднесен и соодветен извештај до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Инаку според  информациите на министерството околу 130 државјани на Македонија досега биле или се уште се наоѓаат на фронтовите во Сирија и Ирак.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)